На 1 март 1913 година во Петроград е објавен и издаден Меморандумот за независноста на Македонија од страна на ополномоштените Македонци, членови на МНЛД. Испратен до британскиот и рускиот министер за надворешни работи, амбасадорите на големите сили и објавен во европскиот печат.
Меморандум за независност на Македонија (на француски: Mémorandum consérnant l’indépendance de la Macédoine) — документ со кој се бара доделување и признавање на независност на историскиот регион Македонија, составен и подготвен од членови на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петесбург на 1 март 1913 година и испратен до британскиот министер за надворешни работи сер Едвард Греј, амбасадорите на голмите сили при дворот во Лондон и рускиот министер за надворешни работи.
Во прилог на овој меморандум Димитрија Чуповски ја изработил и објавил политичко-географската карта на Македонија, насловена во нејзините природни, географски, етнички и економско-стопански граници „Карта Македониiа“ со поднаслов „по програма на македонските народници“. Во меморандумот, кој е своевиден прв јавен настап на „ополномоштените Македонци“ пред светската јавност, се изложува и истакнува борбата на Македонците за својата слобода и држава, со акцентирање на учеството на Македонците во Првата балканска војна, како рамноправна војувачка страна. Преку неколку точки во меморандумот се изнесени барањата, меѓу кои најбитни се: Макеоднија во нејзините географски, етнографски и економско-културни граници да остане единствена, неделива, независна балканска држава и во најскоро време врз основа на општо гласање, да биде свикано Македонско народно собрание во Солун, заради детална разработка на внатрешната организација на државата и за определување на односите со соседните земји.