Заради заштита од натамошно пропаѓање на вредниот иконостас во прилепската црква „Свето Благовештение” , есенва ќе почне неговата заштита. Иконостасот со димензии 16 на 7 метри е најголем и е ремек дело на познатиот зограф Петре Гарката. Направен е пред 180 години кога е изградена црквата „Свето Благовештение”. Иконостасот прв по големина во земјава, а е трет по непроцелнивата вредност, веднаш по иконостасите во Бигорскиот манастир и во скопската црква „Свети Спас”.
Според Благоја Атанасоски, директор на Заводот и музеј, анализите што се направиле покажале дека е стопиран процесот на разјадување на што долго се укажуваше и нема опасност тој да падне.
Конзерваторските работи ќе почнат есенва, има обезбедено пари и ќе се одвива во фази.
-Проектот за заштита на иконостасот е речиси готов. Имаме средства за реализација, околу 150. 000 денари и есенва ќе почнеме со реализацијата на проектот за неговата заштита. За попрецизно, во проектот се опфатени иконите во медајлоните во иконостасот. Во втора фаза ќе бидат третирани иконите во Црквата. Тоа е макотрпна работа. Почнуваме есенва, имаме конкурирано за в година за втората фаза и засега не може да се каже до кога ќе трае проектот за заштитата на овој вреден иконостас, објаснува Атанасоски.