Националната галерија на Македонија на крајот од годината во месеците октомври и ноември го реализира проектот под наслов „Замисли желба“.
Станува збор за креативни работилници за изработка на лампиони и други декорации од мали парчиња текстил кои се остатоци од кроење или се неупотребливи од други причини. Материјалите за изработка на лампионите како и други помошни материјали, овој пат беа донирани од модната куќа „Бела“. Истите се реупотребуваат, редизајнираат и се претвораат во оригинални и необични креации каде секое од децата се изразува на свој и уникатен начин.
Проектот е значаен бидејќи има еколошки пристап кон дизајнот и истиот претвора нешто старо во нешто сосем ново и впечатливо. Покрај еколошката, проектот има и високо општествена свест. Со овој проект се поттикнува учеството на бизнис заедницата, да ги откупат декорациите, а средствата да бидат наменети во хуманитарни цели за „Фондацијата Марко Божиновски“. Оваа фондација има за цел да обезбеди соодветна поддршка, станува збор за животна средина со спортска содржина за деца и млади од социјално-маргинализирани средини да имаат можност да се вклучат во светот на спортот.
Во креативните работилници кои се реализираат во објектот Чифте амам можност за креативен израз имаат деца со попреченост, учествуваат ученици од основното, средното и високото образование.
Учесници во проектот: Дневен центар за лица со Даунов синдром, ОУ „Климент Охридски“, ОУ „Невена Георгиева Дуња“, ОУ „Лирија“, ОУ „Хасан Приштина“, ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, ОУ „Кочо Рацин“ и ОУ „Братство“, гимназиите „Орце Николов“, „Јосип Броз Тито“ (паралелката за меѓународна матура), „Никола Карев“, „Св Наум Охридски“, Машинскиот факултет отсек Индустриски дизајн, Педагошкиот факултет „Св.Наум Охридски“, Универзитетот „Мајка Тереза“.
Координатор на проектот е Маја Димитрова.
Замисли желба/ Make a wish
Креативна работилница за изработка на лампиони и разни видови новогодишни декорации
Во годината што изминува и која полека си ги пакува куферите со сите наши достигнувања, помали и поголеми, успеси мали и големи, паѓања и станувања ние само станавме посигурни и поискусни во она што го работиме, но и посвесни и поодговорни за Светот околу нас. Па така Националната галерија на Македонија во соработка со Бела (Bella), најголемиот моден бренд во нашата земја, организираат креативни работилници со теми токму поврзани со престојните новогодишни празници во кои учество ќе земат децата од повеќе училишта. Идејата е, учениците со попреченост да соработуваат со децата од редовната настава и во таа насока да другаруваат, да се запознаат едни со други и да споделат моменти на среќа, љубов, хармонија и креативност. Од вредните раце на учениците ќе произлезат голем број лампиони и новогодишни декорации кои потоа би требало да бидат прикажани пред пошироката јавност во вид на организиран базар.
Под мотото: „Од децата за децата“, собраните средства ќе се наменат во хуманитарни цели. Па така, „Фондацијата Марко Божиновски“, основана од неговите родители како почит и вечен спомен за нивниот прерано починат син, организира голем број активности за поддршката на младите талентирани спортисти кои немаат средства да инвестираат во развојот на нивните вештини и кариера. Покрај тоа, фондацијата има за цел да обезбеди соодветна поддршка и животна средина за децата и младите од социјално-маргинализираните средини да влезат во светот на спортот. Фондацијата има повеќе цели за наредната 2023 г, но како најголем приоритет е да се обезбедат дигитални монитори за контрола на работа на срцето наменети за млади спортисти, обезбедување на средства за спортски кампови за млади, како и за организација на годишниот Куп „Марко Божиновски“ за лица до 18 години.
Проектот Замисли желба/ Make a wish ќе се приклучи во остварување на овие цели
Овие проекти се значајни бидејќи се поттик за иднината! За безрезервната поддршка и соработка што ние како институции треба да ја разменуваме во креирање на можности за доброто на сите!