„Верси и визури“ на 5 Декември во Ко- Ра

На 05 декември, во 19:00 ч. во Домот на културата Кочо Рацин (Дом на градежници) ќе се одржи отворање на заедничка изложба на фотографии на младата уметница Јана Кузманоска и на Тања Кузманоска и промоција на електронска фото- стихозбирка на Тања Кузманоска, „Верси и визури“.
Ова е интердициплинарен, мултимедијален настан, кој ќе ги спои фотографијата и поезијата.
Верси и визури“ е заеднички термин и за фотографиите и за стиховите. Тие се надополнуваат едни со други, без да се даде поголемо значење на едните наспрема другите.
Визура е „замислена линија што поаѓа од окото на набљудувачот и оди низ дурбин право до предметот на посматрањето“ – од „Дигиталниот речник на македонскиот јазик“. Во фотографиите како со дурбин се набљудува човековата душа, а во стихозбирката се набљудуваат вистината и лагата; тишината и крикот.

За фото-стихозбирката „Верси и визури“:

Габриела Стојаноска- Станоеска:
…Тања Кузманоска ја промислува поетската естетика, ја нагласува повеќезначната моќ на зборовите и да ја откриваат и да ја сокриваат вистината, и да рануваат и да имаат лечебно дејство и авторефлексивно се искажува за своето пеење како творечки чин кој не претендира на совршенство, но е значаен затоа што ја пронаоѓа убавината и едноставноста и во несовршеното:
Овој ракопис афирмира и металирски прашања за поезијата, песната, за поетскиот говор, како што може да се види и од песната „Несовршени стихови“:
„Сега кога открив дека умеам да пишувам
ги воскреснав зборовите
вистината и убавината ги пронајдов
во стиховите несовршени.“

Елена Пренџова:
Стиховите во „Верси и визури“ се рефлексивни и интроспективни и со интензитетен емоционален и егзистенцијалистички набој; автобиографски и автореференцијални се, а сепак универзални. Автобиографското во нив е толку моќно што уште веднаш се стопува во биографското на читателот, односно читателката…
…Нејзините „женски“ стихови претставуваат historia de una mujer (историја на една жена, историја на животот на една жена), при што таа една жена е секоја жена, која било жена, сите жени. Ова најубаво го илустрира песната „Маѓесница“, која лично ја сметам за химна на современата жена, особено рефренот:
Вештерка сум
би ме запалиле да живеев
во седумнаесеттиот век.
…Тања Кузманоска е предодредена и да создава уметност…

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.