Вечерва, 6.12.2021 година, со почеток од 20 часот во Галерија МКЦ ќе биде отворена „Vanishing point“ – изложба на Александра Петрушевска Ристовска. Изложбата ќе биде отворена до 14 декември.
Мултимедијален проект составен од слики – масло на платно, како и дигитални принтови со фотоманипулација и дигитални слики. Како продолжение на претходната изложба „Простори на заборав“, во кои беа претставени ентериери на јавни простори од Скопје во специфичен амбиент, на оваа изложба Ристовска го насочува фокусот главно кон еден простор, скопскиот планетариум. Простор на спој од два различни ентитети, секојдневен ентериер на јавен простор и екстериер на небесниот простор од кои произлегуваат понатамошни повеќеслојни исконски прашања.
Нов начин на експресија и одговор на одредено специфично време, кое е надвор од нашата контола. Со минималистички пристап кон визуелноста и користењето на бојата како основен принцип за човековите чувства и импулси, Ристовска нуди размислувања за визуелната реалност, а во едноставноста на секојдневните прашања лежат и едноставните одговори.
Преку чиста сликовитост претставен е планетариумот, како и сегменти од истиот, до крајно поедноставување на формата и бојата во едноставен стилизиран приказ. Синтеза на простори во мек, студен и статичен пристап со чувство на возвишеност и на перфекција.
__________________________________________________________________
Александра Ристовска (1981, Скопје) дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје 2005 година, во 2011 магистира Графички дизајн, а во 2017 година докторира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Оддел за културолошки студии во Скопје. Ристовска има реализирано повеќе независни (2021 Скопје, Вилниус, Литванија, 2020 Истанбул) и групни изложби (Њујорк 2010, Берлин 2010, Виена 2009, Бејрут 2009, Амстердам 2008, Белград 2006 Музеј на современата уметност Скопје 2005, 2006, 2008). Досега има учествувано во неколку меѓународни проекти и резиденции (КултурКонтакт Аустриа, Европска културна фондација, Проелветија Скопје). Во нејзината визуелна практика се видливи социјални и егзистенцијални прашања изразени преку интердисциплинарен медиум. Од 2009 година работи како професор на Факултетот за арт и дизајн (Меѓународен балкански универзитет).