31.08.2024
Со циклус од 50 нови дела со кој се заокружува двегодишното творештво на академскиот графичар Стефан Младеновски беше отворена изложбата „ „Еве го човекот“ во уметничката галерија на ЛУ Градски музеј Крива Паланка.
Изложба претставува завршен настан на второто издание на Алтернативниот мултимедијален фестивал „ГИГА фест“, посветен на прерано починатиот режисер Глигор Цветковски.
Ова, воедно,е и второ претставување на Младеновски во родната Крива Паланка со самостојна изложба. Двегодишниот творечки опус се фокусира на човечката фигура како централен елемент претставен преку разновидни емоционални состојби и силна експресивност.
„На изложбата се поставени дела кои се резултат на мојата двегодишна творечка работа. Тука се дела ла кои беа изложени минатата година во КИЦ Скопје, потоа една серија од дела создадени пролетва, а кои беа претставени на самостојна изложба во Косовска Митровица , и нова продукција од ова лето специјално наменета за просторот во галеријата во музејот , така да, еве го човекот“ истакна младиот и талентиран уметник Младеновски на изложбата.
Настанот беше придружен со музички перформанс на младите гитаристи Ади Имери и Александар Бошков, кои настапија пред кривоаланечката публика на платото пред Градскиот музеј.
Годинава, ГИГА Фест опфати повеќе различни настани кои беа реализирани во јули и август и понуди високвалитетни содржини, што го издвојуваат како манифестација што се очекува секоја година да расте и да се надополнува.
„На второто издание на ГИГА Фест понудивме повеќе настани од македонската алтернативана сцена. Гледавме да опфатиме повеќе настани, од повеќе медиуми, бидејќи сме мултимедијален алтернативен фестивал,така да имавме музички настапи, проекции на филмови, на документарци, уметнички изложби и перформанси, театарски претстави“, истакна Ѓорги Костовски, директор на фестивалот.
Завршната изложба на ГИГА Фест е симболичен завршеток на второто издание на фестивалот и на двегодишниот творечки циклус на Стефан Младеновски. Со ова се заокружуваат два значајни процеси, што ја нагласува важноста на поврзувањето на уметноста и културата.
Воедно, со настанот завршува и Кривопаланечкото културно лето, кое е дел од манифестацијата „Крива Паланка- Град на културата“.