„Ретроспективна изложба – 30 години творештво“ на Нехат Беќири

Станува збор за „Ретроспективна изложба – 30 години творештво“ на ликовниот уметник и универзитетски професор Нехат Беќири. Изложбата ќе биде поставена во објектот Чифте амам а на отворањето закажано за 22 декември 2022 (четврток), во 19 ч ќе се обрати директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими.
Звучното и динамично сликарство на Нехат Беќири
Следејќи ја сопствената развојна ликовна насока, Нехат Беќири се вбројува во најактивните и најдоследните уметници кај нас. Основите на неговиот творечки развој од почетокот се согледуваат во определбата кон неограничените експресивни можности што ги нуди апстрактното сликарство, во кое доминираат бојата и потегот како базични и нераздвојни ентитети. И токму оваа генеричка синергија кај него секогаш резултира со различни и возбудливи дела, кои за првпат во интегрална форма од сите творечки фази, се претставуваат во Националната галерија.
Нарацијата во делата на Беќири ја осознаваме преку три основни елементи: линијата, бојата и симболиката. Вечната игра на бојата и линијата како носачи на значења, во нагласено индивидуалното сликарство на Нехат Беќири резултира во креирање на цели знаковни, апстрактно асоцијативни системи, секогаш одново и одново подложни на нови или, пак, проширени слоеви на (ре)интерпретации како директен израз на емоција.
Во сликите на Нехат Беќири се воочливи многу слоеви врз кои е изградена колективната меморија, нејзините мрачни тајни, но и нејзиниот развој и универзалните хуманистички вредности. По серијата слики со фигурален предзнак – портрети и анимални претстави, во 90-тите години (до 1993), во кои се насетува тенденцијата кон наслојувањето на бојата и гестуалноста на линијата, следува редуцирање на фигурацијата кон дела во кои еден од интересите на сликарските истражувања е и односот на сликарските и несликарските материјали. Овие слики, создадени во периодот 2000 – 2001, базирани врз потребата за истражување нови техники и изрази и искуствата на енформелот, се настанати со декомпонирање на веќе искористена театарска сценографија, како извесен вид на „рециклирана“ уметност, односно од претходно деструираната материја, преку нејзината реупотребливост, се создаваат нови/поинакви креации кои се одликуваат со физичка наслоеност на самиот сликарски и несликарски материјал во вид на нагласени слоеви или бразди. Во овие слики, не ретко со нестандардни димензии (веројатно заради основата), кои носат извесна експресивна напластеност од испишаната и неиспишаната историја и митовите, се чувствува суптилна критика кон човештвото, но се воочува и почетокот на понатаму препознатливо користената универзална симболика на кругот, мрежата, играта „Х-0“…
Од 2003 година натаму Беќири започнува со истражувањата за циклусот „Графити и коридори“, најпрво во дела со помали димензии, налик на скици за делата кои следуваат, но во кои се претчувствува монументалноста на изразот во смисла на композициска целина на еден од можеби најдефинираните авторски циклуси во кои се чувствува егзистенцијалниот немир. Во овие и идните дела, Нехат Беќири нагласено ја најавува играта со линиите кои, според авторот, сугерираат коридори, но и пробиви, врски, спојувања како визии за движењето напред и „слободното патување“.
Самата композициска поставеност сугерира хоризонти и нивно пробивање, а апстрактниот израз со контрастни бои и со сосема елиминирана фигурација е одлика на сите дела, во кои се повторуваат одредени асоцијативни знаци – круг како симбол на раѓањето и вечното движење, лак кој претставува бумеранг како постојано навраќање, линии кои се изведени во вид на шема за играта „Х-0“..
Од 2003–2005 година и натаму е нагласена разиграноста на ликовните елементи на сликата и во смисла на развивање кон ослободување, со особена експресивна динамика на гестот и на фрагментите, во смисла на една жизнерадосна игра и движење. Боите се посвежи, посилни, поинтензивни во секој поглед, нивната експресија е потенцирана преку нивниот контраст. Темните, речиси монохромни партии, иако се уште присутни, полека му отстапуваат простор на внатрешниот порив кон светлина. Играта „Х-0“ е тука како суптилна критика на позицијата на човекот и неговиот код во личните и општествени „игри“, но линијата и бојата добиваат сопствени ослободени насоки. Сè е понагласено и поинтензивно: композицијата е разиграна, се појавува поголема нарација и посложена организираност во големите композиции-диптиси, бројот на паралелните линии се намалува и започнува да наликува на линеарна основа за нотен запис, боите и нивните колористички вредности се силни до експлозивни, се чувствува оптимистичка атмосфера на славење на светот и животот… Од друга страна, пак, се појавуваат композиции со исклучиво црно-бела хроматичност, веројатно како сè уште присутен (веројатно и секогаш присутен некаде во длабоката свест) рецидив со егзистенцијалистичка провиниенција.

Како што Нехат Беќири навести во неговите претходни дела, околу 2008 година, основната „Х-0“ игра се развива, станува вид на запис кој асоцира на бинарниот код „1“ и „0“, низи на знаци, односно бинарни низи во технолошкиот цивилизациски развој со сите негови позитивни и негативни особености и рефлексии, но како постоечка реалност која не може да се избегне и да се апстрахира и која создава извесна вознемиреност со својата сеприсутност. Паралелните линии веќе сериозно се трансформираат во музичко петолиние или се основниот дел на жичените инструменти во сликите кои се посветени на звукот на џезот, блузот
Емотивните турбуленции и веројатно сè поголемата свест за местото на човекот во општеството, поточно дехуманизираноста генерално, избива во преден план во делата изработени во периодот 2009 – 2010 година. Сликарската гама се стемнува, боите се загасени, асоцијативната симболика е сè уште присутна. Се чувствува еден радикален момент во сликарството на Нехат Беќири кој се согледува во враќањето кон елементите на фигурацијата. Така, во колористичките прикази се среќаваат линеарно симплифицирани човечки глави со нагласени очи, но се појавува и сосема нов елемент – лебот. Делата „Леб“ (2009) и „Софра“ се силна реакција на уметникот кон траурноста и страдањата на човештвото кое се соочува со криза, а теророт врз луѓето е симболично и дури пророчки (како бегалската криза) прикажан преку бодликавата жица во делата со наслов „Жиците“. Од овој период се и циклусот слики под наслов „Приказни за животот“, кои со својот нагласен графизам наликуваат на цртежи со црно-бела линеарност, упатуваат на навраќање кон човекот и на неговата интимна состојба, драми и емоции како основа на сè.
Доминантното чувство на егзалтираност и свест за човековото страдање и сè поголемата ерозија на вредностите е сè понагласено во делата изработени во последните 7-8 години. Така, како своевидна критика на консумеризмот се делата со наслов “Candy Crash”, а личните реакции во однос на личните, колективните и универзалните човекови страдања се отсликуваат во загасениот тоналитет во делата насловени: „Реквием“, „Маса“, „Кругови“, “Big Brother”, „ДНК“, „Сонце“, „Самрак“, „Двор“, „Скршената насмевка“ итн.
Одвоен сегмент во творештвото на Нехат Беќири претставуваат перформансот и инсталациите, со предзнак на ангажираност. Перформанс кој никако не може да се избегне е „делото“ од 2010 година, составено од 1.500 јајца, поставени на вертикална табла и исполнети со различни бои. Суштината на овој перформанс е директната интеракција со публиката која со актот на кршење, всушност, преносно симболички и директно учествува во создавањето на едно заедничко дело. Со инсталацијата „Син леб“ (2020) Нехат Беќири „ја тематизира опасноста од прекумерното производство и трошење на пластиката од која најголемиот дел завршува во морињата.
За богатото творештво на експресивниот, динамичен и неуморен сликар Нехат Беќири, наместо заклучок – бидејќи од него во иднина се очекуваат уште многу творечки изненадувања – можеме да сублимираме дека неговото досегашно сликарство е исклучително индивидуално и искрено, а неговите дела се одраз на нескриените внатрешни емоции во однос на темите чиј опсег на интерес се движи од длабоко интимни до универзални. Во својата основа, тоа е длабоко хуманистичко сликарство и за свој центар го има Човекот, чие присуство најчесто се чувствува токму преку отсуството во делата. Бидејќи тој е претпоставено мерило на сите ствари, треба да бидеме освестени и опоменати дека неговото егоистично дејствување е спротивно на благосостојбата на човештвото и е, најблаго речено, девастирачко.
Осврт кон творештвото на Нехат Беќири, Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија.
Нехат Беќири е роден во Тетово, дипломирал сликарство на Ликовната академија во Приштина во класата на проф. Муслим Мулиќи, каде и магистрирал, во 2001 г. Работи како редовен професор по сликарство на Државниот универзитет во Тетово и предава на Интернационалниот универзитет во Нови Пазар. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Покрај дисциплината сликарство, работи и други медиуми, скулптура, инсталација. Неговите дела се наоѓаат во повеќе државни и приватни колекции во земјата и во странство.
Има реализирано над триесет самостојни изложби, учесник на бројни ликовни колонии, како и на голем број групни изложби.
Поставката во Чифте амам ќе биде композиција од изложени над стотина слики во техника акрил на платно од неговиот творечки опус, инсталации и графики.
Куратор на изложбата е Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.