Филдовиот музеј во Чикаго го најави големото отворање, што се одржа на 31 март, на, како што велат, својата специјална изложба „Првите кралеви на Европа“, во која со свои раритетни предмети од неолитот учествува и Северна Македонија.Овој престижен музеј ги повикува посетителите да нурнат во историјата преку артефактите кои за првпат се претставуваат на едно место, и да патуваат назад во 5000- те година пред нашата ера до железното време за да осознаат како воините се претворија во кралски членови и засекогаш ја променија структурата на општеството.Македонските претставници на оваа ексклузивна збирка од 700 предмети, координирана од Гоце Наумов, доаѓаат од НУ Завод и музеј- Битола, НУ Музеј- Гевгелија и НУ Завод и музеј- Прилеп.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска- Стојчевска, го честита овој успех на македонската археологија: „Голема привилегија е што имаме 20 предмети од предисторијата кои се поставени во витрините и се претставени во виртуелната прошетка за првите кралеви и кралици на Европа, покажувајќи ги растежот и менувањето на цивизациите, до последните артефакти на овој проект што ги покажува историјата и културата на балканските земји“.
Со оглед на тоа што во овој сложен проект учествуваат повеќе институции од двата континента, Костадиновска- Стојчевска додава: „Оваа ексклузивна изложба ни покажа колку е важна инаституционалната соработка во регионот, но и соработката со партнерските институции и фондации во Северна Америка за реализација на ваков проект, кој по своето значење секако ќе остави трајни научни и културолошки вредности за идните генерации“.
Изложбата „Првите кралеви на Европа“ е реализирана со поддршка од Амбасадата на САД, која и овојпат покажа големо разбирање за афирмацијата и заштитата на културното наследство на земјава.
Од Филдовиот музеј информираат дека Вилијам Паркинсон, куратор на оваа изложба, рече: „Изложбата беше спроведена во партнерство со 11 земји, на кои им се приклучија Соединетите Американски Држави и Канада, и 26 различни музеи. Многу од културните предмети никогаш не биле изложени надвор од нивните земји на потекло, а некои никогаш не биле изложени. Изложбата “Првите кралеви на Европа” е единствена можност да се видат овие културни објекти на едно место“. Паркинсон додаде дека изложбата „зборува за еволуцијата на нееднаквоста. Но, исто така, за еволуцијата на лидерството и луѓето кои, всушност, станаа владетели во тие општества“.
Координаторот на изложбата од Македонија, Гоце Наумов, вели дека е голема чест што жртвеникот од Врбјанска Чука е еден од првите и најстари предмети со кои започнува мистичното патување низ балканската предисторија.
Освен него, свое катче си имаат енеолитскиот скиптар од Шуплевец и железнодобниот накит од Милци, кои се дел од оваа приказна која буди голем интерес во светот.
Наумов додава дека артефактите од Македонија, вклопени во исклучителната изложба, говорат за тоа дека стопанството и религијата биле постојано испреплетени – од формирањето на неолитските земјоделски села до појавата на благородниците од железната доба.
Директорката на Заводот и музеј- Битола, Мери Стојанова, зборува за сложеноста на проектот во кој за првпат се соединуваат три наши музеи со сродни институции на Балканот, за прво вакво претставување на предисторијата во Северна Америка.
„Овој настан е значаен бидејќи е ова прво претставување на еден сегмент од македонската култура пред пошироката американска јавност. Голема благодарност до сите оние што придонесоа оваа одлична идеја и иницијатива да стане реалност“, вели Стојанова.
Македонските раритетни пронајдоци од изложбата „Првите кралеви на Европа“ се дел од турнејата во Северна Америка што почна во 2022 година, во Њујорк, а по Чикаго, ќе заврши во 2024 година во Отава, Канада.
„Првите кралеви на Европа“ е резултат на исклучителен културен проект, инициран пред шест години под координација на Музејот „Филд“, а ги презентира најважните праисториски археолошки артефакти од збирките на музејски институции од: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Унгарија.
Изложбата е структурирана во четири главни делови: Територија пред кралевите: неолитски период; Првата позлатена доба: бакарната доба; Нови патишта на моќта: бронзеното време; Раѓањето на кралското семејство: железната доба.
Изложбениот курс се развива преку посебна сценографија, која комбинира прикажување на предмети со графички елементи, видео- и аудиоелементи.
Изложбата „Првите кралеви на Европа“ означува посебен момент на културна соработка меѓу државите од Северна Америка и Југоисточна Европа, во современо време на невидени можности за истражување на почетоците на историјата во овој дел од светот преку нови перспективи.
За изложбата се изработени извонреден зборник и каталог, уредени од авторите Атила Гјуча и Вилијам Паркинсон, кои се публикувани од престижната издавачка куќа на Археолошкиот институт „Котсен“ при Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.