Музеј на Република Северна Македонија
28 декември 2022 година, 13 часот.
Во духот на заокружувањето на оваа плодна и успешна година, Музејот на Република Северна Македонија со задоволство ја најавува завршната изложба „ПОВЕЌЕ ОД ЗБОРОВИ – Благоја Дрнков во етнолошката музејска архива“, којашто ќе биде отворена на 28 декември 2022 година во 13:00 часот. Изложбата се реализира во чест на креативниот мајстор на фотографијата и неговите фотографски афинитети и светогледи.
Работата на фотографот и снимател Благоја Дрнков дава значаен придонес кон унапредувањето на музеологијата и етнологијата. Тој оставил ненадминлива колекција на фотографии, документирајќи ги сите аспекти на традиционалната материјална и духовна култура, како и народното творештво и применетата уметност во Македонија. Она што го издвојува е неговиот посебен однос кон етнолошката документарна фотографија, која не е само гола регистрација на факти, туку претставува визуелен запис исполнет со експресија, љубопитност и енергија.
На изложбата се презентирани 35 фотографии, коишто се значајни чувари на меморијата како сведоштво за иднината. Изложбата претставува обид да се потсетиме и да ги потенцираме високите дострели во документирањето и презентирањето на нашето уметничко и културно наследство. Фотографиите на овој доајен на етнолошката фото-документација се врежани во колективната визуелна културна меморија, оставајќи ни многу повеќе од зборови.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.