„Од поинаков дискурс“ – Фауната од колекцијата на Националната галерија

Мала станица, 7.12.2023, 19.30 часот
Второто издание на циклусот „Од поинаков дискурс“ е продолжение на првичната идеја за вклучување на лица, интелектуалци чија дејност не е тесно врзана со ликовната уметност, критика и теорија, кои во соработка со ко-куратор од галеријата ќе работат на тематика која ја задаваат, а е инспирирана од богатата колекција на Националната галерија. Целта е од поинаков дискурс да се пристапи кон толкување, систематизација и истражување на нашето културно благо. За првото издание го поканивме д-р Владимир Мартиновски, професор, поет, писател, есеист, раскажувач, теоретичар, книжевен преведувач кој ја предложи темата „Мустаќлии“. Изложбата беше реализирана во ноември 2019.
Дискусиите и дебатирањето за или против менување на методите и експериментирање со нови пристапи на истражување и презентирање на ликовната уметност, осовременување на истите, излегување од сигурната институционална зона со нови, автентични теми, несекојдневни и храбри компарации, анализи од изменета визура, вонстандардни систематизации и класификации, воведување на мулти, па и транс медијалност и дисциплинарност во презентациите … се само дел од многуте аспекти кои се разгледувани и анализирани на многубројните стручни колегиуми на кустосите во Националната галерија. И покрај некои благи отклони кон новите искуства на времето, институционалната сигурност и востановените стандарди тешко се пробиваат.
„Од поинаков дискурс“ е проект кој го осмисливме со тенденција да ја иницираме желбата за промена и инвентивност и да се опробаме во неистражени домени, сижеа, медиуми, со цел да пристапиме кон поинакви, нови, видоизменети исчитувања, систематизации и класификации на културното богатство со кое располага Националната галерија. Воведувањето на надворешен „куратор“ кој не е од директна уметничка провиниенција, т.е. интелектуалец чии широки академски интереси индиректно ја вклучуваат визуелната уметност како писатели, философи, режисери, глумци итн. чиниме дека ќе понуди една поинаква пристапност, нестандардна тематика, специфичен паноптикум на гледање на методологиите во истражувањето или презентирањето на делата од нашата колекцијата. Поканетите куратори работат во тесна соработка со внатрешни куратори – кустоси во галеријата, и како резултат на нивната плодна работа ќе произлезат овие сесии на повеќегодишно осмислениот проект „Од поинаков дискурс“.
Целејќи дека ваквите перспективи на гледање на нештата „од поинаков дискурс“ ќе придонесат за нови сознанија и нови читања на историјата на уметноста, а истовреме ќе бидат интересни и за љубителите на уметноста, се радуваме на секоја нова можност за вадење на различни дела од нашите депоа, а со тоа и самите дела ќе ја продолжат својата главна намена – да комуницираат со нивните реципиенти и да соопштат одреден став.
Второто издание, „Фауната во колекцијата на Националната галерија“, е концепт кој го осмисли проф. Д-р Иван Џепароски и тој е фокусиран кон екокритичката и фаунокритичката имагинација во современата уметност.
Во својот текст кон изложбата проф. д-р Џепароски пишува: „Она што се случува во последниве деценија-две во сферите на теоријата и на естетиката несомнено е појавувањето на еден своевиден теориски „животински пресврт“ (animal turn), сроден на поранешните лингвистички, постмодернистички, постколонијални, родови или дигитални пресврти, зашто оставањето на светот на животните на маргините на филозофските, антрополошките, социолошките, книжевните или на уметничките истражувања денес веќе не е можно, а појавувањето, пак, на низа мултидисциплинарни истражувања покажува дека разделувањето на човечкиот свет од светот на животните носи низа политички, еколошки, етички и биоетички проблеми кои бараат преосмислување на третманот и на претставата на животните во книжевните, а оттаму и во уметничките дела од минатото и од денешницата. На овој план, секако, треба да се укаже и на појавувањето наголем број дела посветени на оваа проблематика, меѓу кои се истакнуваат повеќе остварувања од кои укажувам на две: книгата на авторите Клинџендер, Антал и Хартан под наслов „Животните во уметноста и во мислењето“ и зборникот подготвен од Ененкел и Смит насловен како „Раната модерна зоологија: конструкцијата на животните во науката, книжевноста и во визуелните уметности“ , дело во кое овие прашања мошне успешно се тематизираат“.
На изложбата ќе бидат поставени 80 тина дела од богатата колекција на Националната галерија и од југословенската и од националната ризница на ремек дела, меѓу кои и: Иван Мештровиќ, Крстo Хегедушиќ, Мило Милуновиќ, Иван Генералиќ, Весна Соколиќ, Рико Дебењак, Оливера Кангрга, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Боро Митриќески, Томо Владимирски, Димитар Пандилов Аврамовски, Владимир Георгиевски, Петар Мазев, Вана Урошевиќ и многу други.
На отворањето, на 7 декември 2023, ќе се обратат д-р Иван Џепароски и д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија. Истата ќе трае до средината на јануари 2024 година.
Организација на изложбата: д-р Ана Франговска.

Биографија
Иван (Ивица) Џепароски (1958, Скопје) е поет, филозоф и преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје каде што магистрирал и докторирал. Автор е на дваесет и пет книги, и тоа: на шест поетски книги, на единаесет книги од областа на естетиката и на културната теорија, на две поетски антологии и на шест теориско-есеистички избори. За своето творештво ги има добиено наградите „Млад Борец“ (1984), „Димитар Митрев“ (1993) „Парадигма“ (2009) и „Браќа Миладиновци“ (2016). Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по предметите: Естетика, Историја на естетиката и Филозофија на културата. Бил и е раководител на Институтот по филозофија (2004- 2009; 2013- ) и секретар на Македонскиот ПЕН Центар (1999-2001; 2008-2014). Се занимава и со превод: Вилијам Блејк, Џејмс Џојс, Јосиф Бродски, Дејвид Хјум, Едмунд Берк итн. Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ (1993) за поетски превод. Неговата поезија и некои од неговите есеи се преведени на над десетина странски јазици во светот. Поетски дела: Слики од изложбата; Еклоги; Песни; Волја за мисла; Грабнувањето на Европа; Светлината на Света Гора.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.