На 1 декември 2022 година во Културно-информативниот центар во Скопје., ќе се одржи „Точки на интерес“, изложба на фотографии на легендарниот Живко Јаневски. Изложбата е дел од еден пообемен истражувачки проект… Фотографиите за оваа изложба се снимени од средината на 1989 до 1994 година. Во нив е документиран периодот на осамостојување на нашата држава и времето на големите опшествени промени – вели Станимир Неделковски, кустос за порталот www.umno.mk.
Кога пред речиси 20 години фотографот Станимир Неделковски поминал во просториите на гигантот во стечај, Новинско-издавачкото претпријатие „Нова Македонија“, сакал да ги види работните простори на фоторепортерите и фотолаборантите за кои бил свесен дека заминуваат во историјата. Но, наишол на друго богатство– негативи од Живко Јаневски, еден од најистакнатите фотографи во поновата македонска историја.
Скоро три години траело истражувањето и обработката на материјалот кој Неделковски, денес кустос во Одделот за современа фотографија и филмски материјал при Музејот на град Скопје, ќе го изложи на поставката „Точки на интерес“ закажана за 1 декември во 19.30 часот во Културно-информативниот центар во Скопје.
–При крајот на 2005 година веќе се навестуваше подемот на дигиталната фотографија. Како фотограф, имав големи интереси кон сè уште актуелниот аналоген пристап на фотографските техники. Во тоа време НИП „Нова Македонија“ беше во стечај. Издавачкото претпријатие требаше да се отсели од зградата, а со тоа и голем дел од работите затекнати во просториите да завршат на буниште. Ми беше значајно да видам во какви простории работеле фоторепортерите и фотолаборантите. Додека ја анализирав преостанатата фото-техника која требаше да се дислоцира од просторот, низ ходниците наидов на фотографии и филмски негативи во кутии расфрлани и подготвени за отпад. На една од нив, полна со големи и прилично исполнети жолти коверти беше испишано „ЦРНО БЕЛИ ЖИВКО“. Можев само да претпоставам што има во ковертите! Кога веќе се расчистуваа кутиите, со дозвола од одговорните во тоа време ми беше дозволено да подигнам една која и така ќе завршеше во некој контејнер. Беше точна претпоставката дека во жолтите коверти има црно-бели негативи од фоторепортерот Живко Јаневски, тогаш од непознат период, кој до 2000 година ги извршуваше работните задачи „Нова Македонија“.
Долги години кутијата со жолти коверти „чекаше“. Беше очигледно дека тоа се филмски негативи кои треба студиозно да се обработат. Работните задачи во Музејот на град Скопје конечно овозможија услови за Проектот за истражување, обработка, документирање и презентирање на пронајдениот материјал под наслов „Меморијата на Живко Јаневски“. По извршениот преглед воден од естетските вредности на авторот направена е концепција и избор за изложба, беа дигитализирани и обработени негативите за печатење, вели кустосот Неделковски.
Истражувањето во големиот материјал (285 црно-бели филмови, 9.500 негативи) упатува на сознание дека станува збор за еден релевантен документарен и авторски исказ. Тоа се извонредни материјали, снимени од еден наш врвен фото-журналист, кои сега и јавно се презентираат во форма на изложба. Вредно е ова истражување да продолжи, верувам дека материјали има и на други места во „жолти коверти“ кои не завршиле во отпад, независно дали биле „Точки на интерес“ на Живко Јаневски или на плејада фоторепортери кои поминале низ издавачките куќи, понатаму се вели во интервјуто за www.umno.mk.
Живко Јаневски се занимавал и со уметничка и со новинска фотографија.
-Во фотографиите на Живко Јаневски нема строга граница помеѓу работниот ангажман во издавачката куќа и желбата за создавање на добра фотографија. Неговиот авторски печат при создавање на фотографијата не се разликува од периодот кога активно учествувал на многуте групни и самостојни изложби. Мислам дека сите фотографии на оваа изложба ќе останат запаметени, кустосот за споменатиот портал.