На 19.10.2021, во 19 часот, во мултимедијалниот центар Мала станица ќе биде отворена самостојната изложба на ликовниот уметник и редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при Државниот тетовски Универзитет, Башким Меџити.
Меџити дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Приштина (Косово), каде и магистрирал. Добитник е на повеќе награди и признанија, остварил над петнаесетина самостојни изложби во државата и странство. Бил прв претседател и еден од иницијаторите за формирање на Здружението на ликовни уметници “ Draudacum”од Гостивар, оснивач на Факултетот за ликовна уметност при Државниот тетовски Универзитет. Активно се бави со сликарство и скулптура.
Во Националната Галерија ќе се претстави со триесетина дела од последниот циклус на слики во техника акрил на платно изработени во текот на оваа година. Апстрактниот експресионизам е правецот во кој го реализира ликовниот израз. Случки од природата, урбаната средина и пејзажите ги пренесува во тоналитет на јарки бои, до смирена бела и контрастна црна.
Изложбата го носи насловот “СЕРТИФИКАТ ЗА КАФЕ” заради триптихот кој е создаден во доба на глобалната пандемија. Изложбата ќе ја отвори директорката на Националната Галерија д-р Дита Старова Ќерими.
„Јаснотија на линијата и изворната чистота на формата плени во најновите слики на академскиот уметник Башким Меџити, кој по тринаесет години повторно изложува во Националната галерија на РС Македонија.
Основното тежнеење на Меџити е во тоа да создава како што чекори, да слика како што дише. Идеал му е природната едноставност, па тој слика во динамичен дух со слободни и моќни потези, а понекогаш благи и омекнати, збогатени со повеќезначни линии.
Целиот процес при создавањето на уметничкото дело кај Меџити води кон графички пробив, при што се испреплетуваат контрастот и хармонијата со слоевите на бојата и текстурата. Тоа, пак, води кон една динамична композиција на бојата во допир со природата, каде што, всушност, сѐ е во движење и менување.
Инспирацијата ја црпи од природата и од природните богатства, како и од духовните извори на човечкото општество, од различни области какви што се литературата, историјата, музиката, драмата итн. Меџити во современиот живот внесува едноставен елемент, алузивен и мирен, кој секогаш се повторува обоен со духовното. Оваа истенчена љубов кон совршенството, придодадена кон природното, без сомнеж е причина за хомогеноста во неговите дела.
Сликајќи во духот на апстрактниот експресионизам, Башким Меџити се издвојува по својата оригиналност, искреност и чистота, а воедно придвижува една моќна акција со текстурата и боите, со случајните точки по платното, буквите и симболите. Со својата имагинација и интелект, тој се труди објективно да ни ја пренесе и наметне суштината на творечката природа.
Во неговиот последен циклус слики откриваме суптилна хармонија и особено голема свежина, која произлегува од употребата на светли бои, изградени повеќе во хармонија отколку во контраст. Авторот спонтано ги пренесува своите идеи на платната и воедно ни создава чувство како и самите да сме дел од тој возбудлив процес, процес кој заедно со дејството зазема круцијално место во композицијата пред окото на набљудувачот.
За крај, со триптихот „Сертификат за кафе“, Меџити го заокружува денешниот начин на живеење во услови на пандемија. Преку панорамата на сликарскиот потег, тој дава предност и дефиниција на сведоштвото на примарната спонтаност, за да се открие нејзината содржина.“
Куратор, Маја Крстевска, виш кустос
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.