11.12.2024
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер, денеска ги посетија обновениот „Споменик на слободата“ во Кочани и скопскиот „Аквадукт“, споменик на културата од особено значење и значаен белег на градот Скопје.
Со тоа и официјално беше одбележана финализацијата на еден и започнувањето на друг проект со средства обезбедени од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД.
Министерот Љутков, за време на посетата на „Аквадуктот“, изрази благодарност до Амбасадата на САД за поддршката во делот на зачувување на културното наследство, додавајќи дека од 2001 година досега од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД, за зачувување, конзервација и реставрација на нашето културно наследство се доделени околу 2 милиона долари. Тој изрази уверување и дека со заедничка соработка и партнерство со Амбасадата на САД ќе се врати сјајот и на ова значајно културно наследство.
Амбасадорката Агелер, пак, фасцинирана од грандиозноста и убавината на „Аквадуктот“, порача дека е особено важно тој да биде ставен во функција на туризмот.
Претходно Љутков и Агелер го посетија обновениот „Споменик на слободата“ во Кочани, проект кој, исто така, се реализираше преку Aмбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство, за што беше обезбеден грант од 254 илјади долари.
„Конзервацијата и реставрацијата на ’Споменикот на слободата‘ – уметничко и архитектонско дело на авторите Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ, е резултат на заедничките напори на нашата земја и нашите големи стратешки, политички, економски и културни поддржувачи – Соединетите Американски Држави. Благодарение на нивната поддршка, преку грантот од Амбасадорскиот фонд за културна заштита на САД продолжуваме со нашите заложби за обезбедување долговечност на овој навистина репрезентативен споменик од поновата историја на нашата земја“, рече министерот Љутков од Кочани.
Амбасадорката Агелер, пак, подвлече дека е задоволство да се даде поддршка за реставрација на спомениците кои се дел од културното наследство на државата.
Носител на грантот е Општина Кочани, а стручниот надзор го изврши надлежната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј- Штип.
Со реализацијата на проектите, културното наследство ќе се стави во функцијата на туризмот.