Изложба на личните работи на Тоше Проески во Виница

Во сабота во Виница ќе биде отворена изложба со личните предмети на најголемата македонска легенда Тоше Птоексим Тодор „Тоше“ Проески (Прилеп, 25 јануари 1981- Нова Градишка, 16 октомври 2007)- познат македонски поп-пејач и една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена, каде што е доживуван како заштитен знак на Македонија. Музичката кариера ја започнал со настапот на прилепскиот фестивал Мелфест во 1997, каде што и победил изведувајќи ја песната Yesterday од Битлси. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните “Пушти ме” (1997) “Макфест” и “Остани до крај”- “Скопје фест”(1998). Имал блиска соработка со Џеф Бек, Горан Милошески, Хари Котлатовски, Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Тони Цетински, Фибос, Ања Рупел и голем број на други влијателни балкански и светски музичари и композитори. Во 2004 година бил прогласен за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. Негов заштитен знак е познатиот израз Ве сакам сите.

 

Пејач, композитор, изведувач на гитара, текстописец

1992- 2007

Загинал на 16 октомври 2007 во сообраќајна несреќа во Хрватска. Посмртно бил прогласен за заслужен граѓанин на Македонија. Денот на неговиот погреб, 17 октомври, бил прогласен за Ден на национална жалост.

Тоше на детскиот фестивал “Златно славејче”- Скопје настапил во 1992 година.

Роден е како Тодор Проески во Прилеп, во влашко семејство чие постојано живеалиште било Крушево. Музичкото образование го стекнува во музичко училиште во Битола и на Музичката академија во Скопје. Првите почетоци на музички план Тоше Проески ги прави уште во раното детство настапувајќи на детскиот фестивал „Златно славејче“ во 1992 година со песната „Јас и мојот дедо“ испеана на влашки јазик. Тоше Проески ја започнува својата музичка кариера на фестивалот „Мелфест” каде во 1997 година победува со изведбата на Yesterday на Битлси. Истата година учествува и на „Макфест” со композицијата „Пушти ме”. Тоше потоа работел со еден од најпознатите македонски композитори и текстописци Григор Копров, соработка која му донела два од најголемите хитови Усни на усни и Сонце во твоите руси коси. Во 1999 година го издал својот деби- албум „Некаде во ноќта” кој содржи единаесет песни. Летото истата година, Тоше го одржал својот прв концерт, кој, и покрај дождот и лошото време, останува незаборавен за неговите обожаватели.

Во 2000 година Тоше учествува на „Скопје фест” (од каде се избира македонскиот претставник на Евровизија) со песната „Солзи прават златен прстен” која, и покрај тоа што победува на телегласањето, на крајот го освојува третото место. Во овој период почнува да ги снима и песните за својот втор албум „Синот Божји” кој е промовиран во јуни 2000 година. Албумот ќе даде голем број хитови во опусот на Тоше, како „Немир” (дует со Каролина Гочева), „Во коси да ти спијам”, „Излажи ме уште еднаш”, како и „Илузија” и „Тајно моја”, две песни компонирани од Кире Костов, (со втората го освојува второто место на фестивалот „Сунчане скале” во Херцег Нови, Црна Гора).

Српската продукциска куќа „BK Sound” ги откупува правата за издавање на следниот албум на Тоше на просторот на поранешна Југославија, што пак ќе резултира со Оскар на популарноста на просторот на поранешните југословенски републики за 2000 година, како и со целосно распродадени концерти во Скопје и Белград. Во 2001 година Тоше, заедно со неколку други македонски пејачи, отпочнува турнеја низ Австралија.

 

Ѕвездена слава

 

Откако минува одредено време заедно со својата нова менаџерка Лилјана Петровиќ снимајќи во студио во Атина, Грција, Тоше го пушта во продажба својот трет албум „Ако ме погледнеш во очи” на македонски и српски јазик. Следи период на интензивна промоција во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Во април 2003 година, Тоше победува на фестивалот „Беовизија” со песната „Чија си” која станува огромен хит во поголем дел од балканските републики.

Со цел да го подобри своето пеење, Тоше оди на часови кај маестро Вилијам Рајли во Њуjорк кој во својата кариера е и учител на Лучано Павароти. По враќањето, Тоше одржува низа хуманитарни концерти низ Македонија. Ја добива Хуманитарната награда Мајка Тереза а во 2003 година станува регионален УНИЦЕФ амбасадор.

Следната година МРТВ го избира Тоше за претставник на Евровизискиот настап кој се одржува во Истанбул, Турција. Во февруари, со помош на телегласање, жири и лично мислење, избрана е песната “Ангел си ти”. Во април Тоше го издава албумот „Ден за нас”, двојно ЦД на кое се сместени осумте песни изведени на изборот за песна на Евровизија. Следниот месец, Тоше го освојува 14-то место со песната „Life”, англиската верзија на „Ангел си ти”. Пред изборот, станува омилена личност меѓу репортерите, преку демонстрација на неговите извонредни оперски квалитети на прес- конференциите.

Во 2004 година, именуван е за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја снима песната За овој свет која има и англиска верзија – This World и која станува химна на УНИЦЕФ. Тоше потпишува договор со Dallas Records за издавање на неговиот следен албум во Хрватска и Словенија. Тоше ја снима „Крање време” со словенечката пејачка Ања Рупел. Во 2005, неговиот петти албум „По тебе” е издаден низ целата територија на поранешна Југославија. По тебе е сѐ уште еден од најуспешните албуми било кога издадени на Балканот- неколку недели останува на врвот на листите во Република Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Сингловите од овој албум пак, со месеци се задржуваат на највисоките места на музичките топ- списоци во овие земји.

Неговиот следен албум “Божилак” е компилација на 14 избрани македонски народни песни проследени од симфониски оркестар. Во 2007 година, Тоше го издава и “Игри без граници”- неговиот последен албум.

Неговиот последен концерт (уште еден во низата хуманитарни концерти) одржан на 5 октомври 2007 година на градскиот стадион во Скопје бил посветен на ревитализација на македонското школство. На концертот биле присутни повеќе од 40.000 посетители.

 

Композитор и текстописец

 

Тоше Проески исто така се потврдува и на полињата на компонирањето музика. Има напишано неколку песни за себе- “Има ли ден за нас?”, “Слушаш ли?”, “Малечка” и “Полско цвеќе”.

Во 2004, Проески ја компонира и “Муза”- голем хит за Мартин Вучиќ и наслов на неговиот следен албум. Во едно интервју, Тоше има речено дека има повеќе од 100 искомпонирани и напишани песни за кои чека прав момент за да ги издаде.

 

Супер Тоше

 

Борба против злото, елиминација на непријателите, победа на доброто биле главните црти на стрипот „Супер Тоше“, во кој главниот јунак бил правен според ликот на Тоше Проески. „Супер Тоше“ бил првиот стрип во државава во кој главен протагонист бил популарниот пејач, а сето тоа било дел од хуманитарната кампања која се одвивала под мотото „Суперхерој на хуманоста“.

„Во стрипот ги вметнавме сите доблести и одлики на Тоше за да изградиме фиктивен суперхерој, кој се надеваме ќе прерасне во идол на младите. Тоше е идеализиран, но на тој начин сакаме да им дадеме верба на младите за победа на доброто над злото“, изјавил своевремено Оливер Ромевски, автор на „Супер Тоше“. „Задачата на Тоше воопшто не беше лесна.

Тој како оружје го имаше својот суперглас со кој се обидуваше да го елиминира злото и да ги победи непријателите, меѓу кои предничеше Мистер Пират, главен во пиратеријата во целиот свет, шверцот со деца, криминалците со дрога и оружје…“ Згодите и незгодите на Супер Тоше биле стокмени на 32 страници во црно-бела техника, а на дел од нив било сместено и интерактивното катче Супер Тоше обожавателски клуб, како и хуманитарните содржини наменети за оние што имаат потреба од помош.

 

Победа на Беовизија

 

На 13 април 2003 година, Тоше Проески победи на првата Беовизија (фестивал на кој од 2004 година се избира српско-црногорскиот, а од 2007 само српскиот претставник на Евровизија). Тоше на Беовизија настапил со песната “Чија си”, на авторскиот тандем Леонтина Вукомановиќ и Жељко Јоксимовиќ, која на крајот имал вкупно 75 бода, што било дури за 29 гласа повеќе од второпласираната композиција.

Значењето на победата на Тоше била голема пресвртница и значаен момент во неговата кариера, особено поради тоа што на фестивалот настапиле мошне популарни екс-југословенски ѕвезди, а во стручното жири членуваа истакнати музички дејци. Искачувајќи се на сцената, уште еднаш да ја отпее победничката песна, Тоше Проески не пропушти прилика да ја спомне својата земја, истакнувајќи дека би било убаво доколку Македонија или СЦГ во 2005 ја организираат Евровизија.

Песната “Чија си” стана еден од најголемите хитови што Тоше ги испеал во целокупната кариера, песна која заедно со Тајно моја ја лансирала македонската мегаѕвезда директно во редот на најпопуларните изведувачи кај нашиот северен сосед и пошироко.

 

Тоше Проески на Евровизија 2004 со песната Life

На 49-тото издание на Изборот за песна на Евровизија, Македонија ја претставувал нејзината најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Тоше се претставил со песната Life, која всушност била преработена верзија на оригинално избраната “Ангел си ти”.

Оваа песна била избрана на 14 февруари 2004 година, во конкуренција со уште седум други песни од еминентни музички имиња, напишани специјално за Тоше.

Инаку, музиката и аранжманот на песната Ангел си ти се на Јован Јованов, а текстот на Илија Николовски. Оваа композиција била убедливо најдобра, како според телевоутингот, така и според 11-членото жири, а најмногу му се допаднала и на самиот Тоше.

На Изборот за песна на Евровизија, Тоше со својата моќна и енергична изведба како и со придружните вокали кои направиле артистично шоу на сцената, успеа да се пласира од полуфиналната на финалната вечер. На финалната вечер, со освоени 47 бода се пласирал на 14-тото место.

Иако Тоше не бил задоволен од својот пласман, поради познатата соседска размена на гласови, како и поради самиот евровизиски концепт кој не бара врвни пејачки квалитети, туку акробации и жонглирање на сцена, сепак Македонците достојно ја пречекале својата ѕвезда при враќањето од Истанбул во толкава бројност и толкава еуфорија, исто како Тоше да победил на Евровизија.

На 23 јуни 2006 година се случил вториот голем солистички концерт на Тоше, на Градскиот стадион. Спектакуларниот концерт започнал со привлечна танчерска група од Белград и во ритамот на придружниот состав на Тоше, Blue Funky Individuals. Воведните стихови на огромниот хит По тебе ветувале дека журката на Градски ќе биде незаборавна.

Легендарната Јужна трибина била преполна, како и тревникот пред бината, што уште повеќе го мотивирал Тоше да го даде својот максимум. Се ределе хитовите од албумот По тебе: “Рани на усните”, “Громови на душа”, “Кој ли ти гризе образи”,  “Полско цвеќе”…, како и песните од претходните изданија: “Во коси да ти спијам”, “Лејди”, “Излажи ме”, “Сонце во твоите руси коси”, “Далеку од мене”, “Ангел си ти”… Секоја од нив била прифатена еуфорично.

Некаде на половината на концертот, на сцена се појавил етно-пејачката Биља Крстиќ, која во дует со Тоше ја испеала “Јовано, Јованке”, а додека Тоше се пресоблекувал, Биља ја почестила публиката со својот голем хит “Пуче пушка” од филмот Зона Замфирова. Со неверојатна енергија, Тоше бил брилијантен и во другиот дел од концертот, кој официјално завршил длабоко по полноќ.

На бисот уште еднаш ја отпеал “По тебе”, како и “Зајди, зајди”. Веднаш после концертот Тоше заминал за Будва, со цел автобус новинари во придружба.

 

Концерт во Белградска арена

 

На 14 февруари 2007 година, Тоше одржал спектакуларен концерт во српската престолнина- Белград. На неговиот концерт присуствувале помеѓу 15 и 20 илјади луѓе од сите генерации. Концертот се одржал во Белградската арена, најубавата сала за концертни, културни и спортски активности на Балканот.

За концертот на Тоше, српските медиуми известувале неколку дена претходно, респектирајќи го како голем и централен настан во српската метропола. Тоше со своето тричасовно шоу успеал да го докаже тоа. Тој го започнал концертот со песната “Пратим те” (македонска верзија “По тебе”), а потоа се изнаредиле сите негови хитови од српската фаза на неговата кариера, со исклучок на “Тајно моја”, која публиката на течен македонски ја испеала хорски, од прв до последен збор.

„Ова е најсреќен ден во мојот живот. Првпат ми се случува концертот кој уште да не е почнат, јас се плашам дека ќе заврши”- рекол Тоше по неколку испеани песни. На одличен српски јазик, Тоше без проблем комуницирал со својата публика како никогаш до сега. Ерупција од задоволства настанале кога најпрво им го честитал православниот празник Св. Трипун, па меѓународниот Св. Валентин. Фидбекот постојано се враќал од другата страна, оти обожавателите ги знаеле сите песни напамет.

Како што забележале некои медиуми, Тоше на концертот се покажал како одличен гитарист, речиси на самиот старт кога се фатил за гитара, во изведба на “Лејди”. Со него на сцена биле и членовите на неговиот бенд Blue Funky Individuals, диригентот Саша Николовски- Ѓумар, симфониски оркестар, хор, “Танец” и сите беспрекорно си ја завршиле својата работа.

Тоше на концертот имал и многубројни гости, Биља Крстиќ со која ги испеала македонските народни песни “Јовано,Јованке” и “Море сокол пие”, Џана Нанини, со која заедничката песна “Арија” ја имала својата светска премиера, Александра Милиќевиќ со која ја испеала песната 1200 милји (во оригиналната изведба со Гоца Тржан), оркестарот на Срѓан Азировиќ со кој ја исполнил “Несаница” (тема од филмот Ивкова слава) и “Танец” кои уште еднаш докажале дека се вистински македонски културни амбасадори.

Крајот на концертот бил вистински делириум, бидејќи за крај биле оставени неговите најголеми хитови “Лагала нас мала”, “Чија си” и “Срце није камен”. Како специјален подарок од Тоше за неговите обожаватели, тој ги испеал Fragile од Стинг, Nothing else matters од Металика и “Као какао” од Леб и сол.

На 12 февруари 2008 година концертот од Белградската арена започнал да се продава во ДВД-издание. Овој концерт е одлика на неговиот патриотизам и сè она што бил Тоше. На ДВД-то има материјали од хрватскиот Радиски фестивал во Хвар, промоцијата на албумот „Игри без граници“ од Загреб.

 

Победа на Хрватски радиски фестивал

 

Најпопуларниот македонски пејач Тоше Проески, го продолжил искачувањето кон врвот на балканската музичка сцена со победата на Хрватски радиски фестивал на 9 јуни 2007 година. Тој со песната “Вежи ме за себе”, сосема заслужено освоил Гран при во категоријата поп- рок и урбана музика, освојувајќи вкупно 16.589 гласови.

 

Третиот голем концерт на Градски стадион

 

Под мотото „Образованието е одговорност на сите“ поп- ѕвездата Тоше Проески, на 5 октомври 2007 во 19:30 часот, одржал спектакуларен хуманитарен концерт на Градскиот стадион во Скопје, поддржан од организацијата УСАИД. Парите од билетите, кои чинеле 200 денари, се искористиле за петгодишниот проект за основно образование финансиран од фондацијата. Со нив ќе бидат реновирани околу 100 училишта во Македонија, ќе се подобри наставната програма и ќе се спроведат образовните реформи. На вечерната прес-конференција во хотелот „Континентал“, освен Тоше, присуствувале претставници од УСАИД. Директорот Мајкл Еди, кој се обратил на македонски, рекол дека се гордее што работи со ѕвезда од рангот на Проески. Тоше истакнал дека „Никола Карев“, училиштето во кое учел во Крушево, забрзано се реновира.

-Чест ми е што сум дел од проект од вакви размери и од големи планови за македонското образование. Сите концерти ми се драги, но хуманитарните многу ми значат оти остануваат трајно. Ако се подобри образованието во Македонија, ќе имаме поздраво општество- изјавил Тоше.

Како негови гости настапиле Адријан Гаџа, Бојан Маровиќ и Антонија Шола. Тоше на прес-конференцијата непосредно пред концертот истакнал дека секогаш ќе се чувствува како Македонец и никогаш нема да ја напушти својата татковина.

– На успехот секогаш е залепено зло зашто човечката природа е таква. Се надевам на поддршка од сите за да се справам со злобните луѓе, оти не можам да го направам тоа сам- рекол пејачот. Третиот голем солистички концерт на Тоше Проески, на Градскиот стадион, повеќеилјадната публика ќе го памети по неговиот силен и енергичен настап, како и по фактот дека таа ноќ Тоше максимално ѝ се дал на македонската публика. Особено запаметено останува неговото барање: „Сликајте ме со ѕвезденото небо”, кога илјадници мобилни телефони и запалки светнале на неговите романтични рефрени.

По завршувањето на концертот, на Тоше и на неговите колеги им биле доделени статуетки Мајка Тереза, од истоимената фондација, како знак на благодарност за хуманото дело. Тоше ја предал статуетката на неговата мајка Доминика, која му ја всадила хуманоста од мали нозе. Додека се случувало сето тоа, небото над Скопје, го осветлувало величествен огномет во чест на Тоше.

Со специјални материјали, концертот од 5 октомври 2007 година, бил емитуван на Бадник- 6 јануари 2008 година на А1 Телевизија, од 15 до 19 часот.

Тоше Проески загинал на 16 октомври 2007 година на автопатот Загреб — Липовац, кај местото Нова Градишка во Република Хрватска, на возраст од 26 години.

 

Последното испраќање на Тоше

 

Телото на Тоше, пречекано на аеродромот Александар Велики од премиерот и висока владина делегација.

Телото на Тоше пристигна на аеродромот „Александар Велики” од Хрватска, на 16 октомври, околу 23 часот, со хеликоптер на Армијата на Република Македонија. Нација со солзи го пречека во родната Македонија, со оглед на тоа дека настанот беше пренесуван од сите национални телевизии. Беше организирана мала процесија од страна на почесната гарда на Армијата…

Беше и останува најголемата македонска легенда на сите времиња.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.