НУ Национална галерија на Република С. Македонија со особена чест и задоволство ја најавува јубилејната изложбата „110 години од раѓање“ на уметникот ЛЕНА СТЕФАНОВА. Изложбата ќе биде отворена на 20 декември 2023 година, во 12 часот, во објектот Чифте амам. На отворањето, пригодно обраќање ќе имаат историчарката Викторија Васева Димеска и д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија.
Голем предизвик е организирањето јубилејна изложба и одбележувањето 110 години од раѓањето на уметницата Лена Стефанова. Јубилејните изложби секогаш се повод за констатација како нечие творештво на посебен и специфичен начин ја обележало својата епоха. Пишуваните текстови и аналитичките студии што се посветени на животот и делото на Лена Стефанова се многу малку. Секако дека мал број каталози од нејзините постхумни изложби даваат некаков увид во нејзината уметност, но се работи за релативно кратки текстови што не влегуваат во некаква детална анализа на нејзиното творештво.
Во историјата на современата македонска ликовна уметност, Лена Стефанова зазема втемелувачко и изделено место. Таа ѝ припаѓа на генерацијата уметници кои чувствувајќи ја и доживувајќи ја моралната и духовната тензија на своето време, се вклучиле во современиот живот, без двоумење ги прифатиле тековите на современата ликовна уметност.
Лена Стефанова има голема улога во културата на уметноста како прва уметница во современата македонска ликовна уметност. Се школувала во престижното француско училиште (EcoleFranco-Serbe) во Скопје и го завршува во учебната 1930 година. Во текот на школувањето го посетува ателјето на Олга Бенсон (1924 – 1928), каде што ги стекнува првите ликовни искуства. Во ова школо Лена црташе, сликаше, изработуваше акварели и се предаде на учењето на занаетот. Овој период остава траен белег врз нејзината определба за сликарството. Член на Друштво на ликовните уметници на Македонија станала од неговото формирање во 1945 година и учествувала на сите позначајни групни изложби заедно со основоположниците на современата македонска ликовна уметност: Личеновски, Мартиновски, Владимирски, Коџоман, Белогаски и други. Во периодот од 1945 до 1976 година работела како ликовен педагог во Женската гимназија во Скопје, во гимназијата во Велес и во неколку основни училишта. Двапати имала прекин во педагошката дејност и тогаш работела како дизајнер во одделот за килимарство во Институтот за фолклор, потоа како илустратор во весникот „Нова Македонија“ и како слободен уметник.
Таа го сликаше она што го гледа, што го чувствува, што го сака- слики од нејзиното непосредно опкружување: топлите бои на есента, лелеавите пејзажи, селските амбиенти, скромните градски визури, историските, митските личности од нејзината почва, миризбата на цвеќето, овошјата, мртвата природа… што се шират во патријархалниот амбиент, нешто свое, автохтоно и специфично.
Исполнета со чувство за новото време и свесна за новите состојби и синтези во уметноста, ја развиваше и продлабочуваше потребата да ја експлоатира традицијата, да го резимира она што го учела и да го изостри критериумот за избор. Компонентата што ја урамнотежуваше, посредно коегзистенцијата на сезанизмот и естетскиот рационализам, стана еден вид подготовка за ликовната естетика која го обележа карактерот на нејзиното творештво. Се определи за сублимирање на постимпресионистичките искуства, за реалниот однос кон природата, ставајќи го акцентот, уште на самите почетоци, на поетскиот реализам, на поетиката на мотивот, на автентичноста на уметничката порака, тргнувајќи од мотивот кон чувствата, кон барање на идентитетот, на реалниот и непосреден внатрешен живот. Во интимата на сликовните преобразби во природата, ја бараше атмосферата на мотивот за да создаде свои светови, врз контурите на визуелната стварност. Делата на уметниците со кои изложуваше (основоположниците на македонската современа уметност: Мартиновски, Личеноски, Владимирски, Коџоман, Белогаски…) и помалку или повеќе видливите влијанија од европските уметнички метрополи (посредно) претставуваа повеќе поттик и можност да ги провери и дополни своите сознанија и ставови отколку модел кој безрезервно ќе го прифати.
Нејзиното творештво е целовито и доследно, без потреси, без нагли амплитуди, без подеми и падови, без резигнираност, без драстично видливи одрази и белези од нејзиниот слоевит и трауматичен живот. Достоинствено ги носеше своите мачни спомени, без патетика и наративност, му се посвети на разубавениот свет на сликата, зад кој, во длабочините на пејзажите, пределите, мртвите природи и портретите, постојано тлееше некоја носталгија и достоинствена тага некоја коприна, под која тивко се слушаше елегичната мелодија на нејзината животна приказна.
Нејзиниот уметнички придонес е огромен иако животната судбина и била особено тешка, така што нејзиниот живот бил постојана борба и барање на суштината на животот, љубовта, природата, пејзажот, акварелот итн.
Лена Стефанова твори до крајот на својот живот, во подоцнежните години тоа го постигнува седејќи до прозорецот и сликајќи до таму до каде што достигнува нејзиниот поглед. Активна, креативна, борбена во уметничката егзистенција, за новата форма и секогаш за ЧОВЕКОТ.
Патокази во уметноста не постојат, постојат во светот на духот, умот, сетилата што, пред сè, во себе ги носи авторката за да цутат и да даваат плодови поскапоцени од материјалните добра.
Куратори на изложбата, Татјана Бундалевска и Елена Иванова и истата ќе биде поставена до февруари 2024.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.