СКОПЈЕ, 11 јануари 2022
Проектот „Landscape experience“ на Роберт Јанкулоски (соработник Моника Мотеска) и Националната галерија е избран за официјален претставник на Република Северна Македонија на 59. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2022 година.
Во образложението на стручната комисија при Министерството за култура се вели дека проектот низ јукстапозиции поставува нови пејзажи, реални, а имагинативни; локални и национални, а сепак универзално препознатливи. Нивните сублимирани сцени, објекти, видеа и просторна инсталација го сугерира односот тело-природа, човек-технологии, човекот како несовршено суштество и негова когнитивна симбиоза со останатиот жив свет и околина. Низ квалитетен материјал и портфолио, авторот и кураторката (Ана Франговска) го развиваат и докрај го објаснуваат проектот како соодветен одговор на темата на Биеналето „Млеко од соништата“.
На конкурсот за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Република Северна Македонија на 59. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2022 година, во организација на „La Biennale di Venezia“ (Венециско биенале), годинава пристигнаа пет пријави. Една од нив не се разгледуваше откако подносителот достави писмено известување дека го повлекува проектот од учество на Конкурсот.
Останатите проекти кои беа пристигнати и разгледувани се:„Божествена пародија“ на Страхил Петровски (Музеј на Град Скопје); „Сите изгубени гласови“ на Филип Јовановски (Младински културен центар – Скопје) и „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ (НУ Музеј на современата уметност – Скопје).
Венециското биенале на уметноста ќе се одвива од 23.04 – 27.11 2022 година.