Кирил Гегоски во Чифте Амам

Од богатата понуда на почетокот на септември, на програмата е изложбата на Кирил Гегоски закажана за 7 септември 2022 (среда), во 20 часот, во објектот Чифте амам. На отворањето на изложбата ќе се обрати директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими.
Творештвото на Кирил Гегоски од најраните дела, па сè до денес, се одликува со минимализам и редуцирана симболика, префинет вокабулар и отсуство на какви било непотребни детали во третманот на сликата. Уметничкиот израз е исполиран до последниот детаљ, што може да се сфати како производ на воздржаниот, но софистициран фокус на авторот за потенцирање на суштината на нештата, беспрекорната реализација, а пред сè, извонредното чувство и познавање на својствата на материјалите што ги користи.
 
Од почетокот на 2000 година и во текот на изминатите години до денес, евидентно е менувањето на неговиот ликовен израз кој, за разлика од претходно, е поекспресивен. Кирил Гегоски во својата сликарска страст и посветеност не се задоволува само со една пронајдена матрица и во својата досегашна работа експериментираше на три нивоа на сликарската практика: материјално-техничката, концептуално-аналитичката и естетско-чувствената. Иако е евидентна стилска различност, тој се задржува на архетипските модели и истражувања на односите во кои ги согледува одговорите на сопствените размислувања за прасликата и искуствата во доживувањата на животот, во кои неповратно се врежани човековите искуства и претстави. Преку ова Гегоски го претставува јадрото во кое се преклопуваат содржината и односот помеѓу неговото доживување на прасликата и значењето на конкретното уметничко дело. Неговите дела ја задржуваат својата препознатливост во различноста, што е одлика на изграден уметнички идентитет. Оваа препознатливост се заснова врз осмислена креативна постапка во која значењето и формализирањето не се доминантни, туку се читаат индиректно преку материјалноста и сензуалноста на сликата и нејзиното непосредно афективно дејство врз гледачот.
 
Воден од потенцијалот на сликарското искуство, преку ликовно стилизирање, во неговите дела композицијата се транспонира во апстрактно-асоцијативни, но сепак препознатливи форми. Бојата е базисот во творештвото на Гегоски. Бојата е збир на заробена енергија која од раката на авторот добива експлозивност и потполна слобода. Преку неа тој врши колористички  истражувања на соодносите меѓу боите и површините. Тој не размислува апстрактно, туку прави одредени стилизации на пределот кој говори за внатрешните состојби, создава динамика и тензија во расположенијата што ја обликуваат композицијата во својата крајна ликовна претстава.
 
Во духот на зен-филозофијата, тој верува во внатрешната чистота што се отсликува [v1] во едноставни форми и во силната енергија со која зрачи делото.
 
Неговите феноменолошки карактеристики, засновани врз колористички оркестрации, суптилни во изразот, чисти, често лирски, а понекогаш и драматични по карактер, светлосните ефекти и субјективните чувства во доживувањето на дадената тема и мотив, ги задржуваат споменатите особености на авторовиот ракопис.
 
Куратор на проектот е Горанчо Ѓорѓиевски.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.