Јубилејна изложба „Ѓорѓи Зографски, 150 години од неговото раѓање

Јубилејна изложба    
 
„Ѓорѓи Зографски (1871-1945), 150 години од раѓање“
 
Национална галерија, објект Чифте амам
 
03.11.2021, 19 часот 
 
 
НУ, Национална галерија на Република Северна Македонија има особена чест и
задоволство да ја најави Јубилејната изложба „Ѓорѓи Зографски (1871-1945), 150 години од раѓање“. На изложбата ќе бидат претставени 50тина дела  (икони и слики) од сите творечки фази на авторот. Истите се дел од колекциите на Националната галерија, Народен музеј – Велес, црквите Св. Пантелејмон, Св.Спас, Св. Димитрија и Успение Богородичино – Велес,  семејството Зографски како и голем дел приватни сопственици  на кои длабоко им благодариме за соработката.
Во 19. век во светот се случува преродба, односно прогрес на човечката  цивилизација во  сите сегменти на нејзиното живеење. Ваквите промени се случувале и на македонска почва, но со оглед на познатата општествено-политичка состојба во која се наоѓала државата во овој период, позитивните промени се движеле со забавен ôд. Во македонската ликовна уметност продолжува поствизантиската традиција на сликање иконопис и живопис по нарачка на црквата и на младиот граѓански слој, така што сликањето елементи и мотиви со профана содржина, сѐ до 80-тите години на 19. век се остварува во рамките на религиозното сликарство.
Меѓу зографите сликари што имаат значаен придонес за развојот на македонската ликовна уметност во втората половина на 19. и почетокот на 20. век  е Ѓорѓи Зографски, последниот зограф од семејството Рензовци, кој заедно со Димитар Андонов Папрадишки за  прв пат кон крајот на 19. век го направи историскиот пресврт поврзувајќи ги двете епохи во македонското сликарство: последните нишки во религиозното сликарство со првите обиди за сликање профани теми. Тоа е период обележан со напуштање на поствизантискиот иконопис и живопис во интерес на скромната појава на модернизмот во македонското сликарство.
Во целокупната творечка активност на Ѓорги Зографски, црковното сликарство, особено иконописот е негова главна преокупација во која се наоѓал себеси, а истовремено наоѓал и сигурен извор за егзистенција на неговото семејство. Неговата зографска активност започнала во тајфата на неговиот татко Јаков, во која заедно со необразовани и самоуки зографи сликал во духот на конзервативниот и конвенционалниот традиционализам користејќи ја семејната Ерминија, наследена од неговите претходници. На почетокот работел под влијание на византиското и поствизантиското сликарство,  главни примери му биле иконописот и живописот во македонските цркви и манастири, а посебно влијание врз неговото творештвото имале Дичо Зограф и Димитар Андонов Папрадишки.
Престојот на Зографски во Петроград и Москва во 1887 година е од пресудно значење за неговиот развоен пат во животот и творештвото. Својата  необразованост тој ја надоместува преку контактите   со тамошните академски сликари и изразената реакција против застарените гледања на уметноста, особено при неговиот престој во Софија, каде што настануваат коренити промени во сликарството под влијание на академски образованите сликари, кои позитивно дејствувале врз конечната определба на Зографски кон обработката на теми со профана содржина.
Портретот, како  сликарски жанр кој го негувал Зографски, нема да остане само привилегија на  политичарите и богатите, туку ќе се демократизира и меѓу занаетчиите, трговците и свештениците. „Портретот на Јаков Зографски“ (таткото на авторот), од 1895 година, е најрано сигнирана и датирана творба. Емотивно мотивиран кон портретирање на неговиот татко, Зографски со посебно  внимание го предава  свенатото и уморено лице на неговиот татко. Побелената коса, ситните очи  и свенатите образи  ја објективизираат оваа состојба.
Еден од првите портрети што Зографски го насликал во 1894 година е „Женскиот портрет“. Мошне грижливо и педантно е изведена пластичноста на лицето, со маслинести тонови, освежени со руменило. Целото внимание Зографски го посветил на  обработката на главата: мека коса, крупни очи, правилни веѓи и чисто лице.
Зографски насликал уште  педесеттина портрети на свои блиски како и портрети на  видни личности од Македонија и Србија.
Неговото сликарство, освен портрети, опфаќа историски композиции, пејзажи и мртва природа.
Куратори на изложбата се Славица Алексоска и Маја Неделкоска Брзанова.
Изложбата ќе трае до 26.11.2021
 
 
 
**********
 
 
Биографија на авторот
 
Ѓорѓи Зографски потекнува од рензовско-зографскиот род од мијачкото село Тресонче, еден од најстарите родови од Река што се занимавале со градителство, зографство, иконопис и копаничарство. Се родил  во село Папрадиште, Велешко, во 1871 година. Тој е директен потомок на познатата зографска, резбарска и градителска фамилија на Дамјан Јанкулов (1770 – 1830). Неговиот татко Јаков бил мајстор градител, резбар и живописец. Од најраното детство Зогрфски почнал да го придружува  својот татко на неговите печалбарски патувања со цел да го учи зографскиот занает.
Во 1884 година семејството на Зографски се преселува во Велес. Во новата градска средина младиот Зографски го доживеал првиот  доста значаен период од својот живот. Имено, во 1887 година  рускиот конзул Иван Јастребов познавајќи го творештвото на Зографски, му предложил школување во Русија. Уште истата година Зографски заминува за Русија каде останува една година.
Во 1907 година  Зографски заминува за Ниш каде отворил свое атеље и освен икони,  сликал и портрети на познати свештени и политички личности во Србија.
За време на Првата балканска војна Зографски живеел и работел во Велес. Барајќи можност за заработка, отворил  фотографско студио во близина на Саат-кулата, во центарот на градот. По завршувањето на војната, поради големиот авторитет што Зографски го уживал помеѓу граѓаните на Велес,  како ценет зограф, а пред сѐ како човек со демократски убедувања, бил избран за кмет на Велес.
Умрел  во декември 1945 година, на 74 годишна возраст.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.