-Настанот е во организација на Младинскиот културен центар – Скопје, ќе се одржи во двете галерии, отворањето на изложбата е на 17. јуни а ќе трае до 30. јуни 2025 година
-Аплицирање најдоцна до 15 мај на [email protected] и [email protected]
-Потребен е краток опис на настапот со соодветни фотографии од делалата.
-Професори со најмногу два нивни студенти и опис на заедничкиот настап.
За изложбата:
Во сечиј живот на млад творец и креативец, клучна улога игра неговиот ментор.
Оваа конкретна изложба секоја година гради мост меѓу студентот и неговиот професор, прикажувајќи ги сличностите, влијанијата и разликите преку ликовната уметност како форма на комуникација помеѓу различни генерации. Токму овој спој на разнолики и сеопфатни профили и стилови на уметници ја отвора можноста за продлабочена дискусија за правецот во кој се движи и развива уметноста, на индивидуално како и на групно ниво. Создава директен пристап до креативниот процес на сите учесници и остава трага од уметничкиот развој на младите, нови генерации на уметници. Со тоа што се вклучени нивните ментори ја открива нивната основа и примарен извор на инспирација, покрај тоа што нуди заемна поддршка и соработка. Без разлика дали студентите имаат развиено драстично различен стил од своите ментори, како Шиле од Климт или пак ќе се пронајдат под нивно влијание, тоа е нешто што се открива преку вакво презентирање кое разгорува понатамошни дискусии. Поентата во умешното менторство е начинот на кој тие го водат и посочуваат својот студент кон сопствено пронаоѓање и интроспекција. Тие служат како водич, но и критичар кој ги открива слабите и јаките страни кај младите и ги поттикнува да се развијат во индивидуалци кои гордо ќе ги споделат своите идеи и пораки преку нивните дела. Периодот на самооткривање кај секој уметник е значаен и вреди да биде документиран и презентиран пред што поголема публика со цел за добивање на поддршка и реакција, која понатаму служи како алатка за подобрување и стекнување самодоверба. Покрај тоа овие периоди на творење се имаат покажано како најекспериментални, во кои целосно се ослободуваат уметниците и препуштаат во истражување на секакви можности на уметничко изразување. Благодарение на инцијативи како оваа за организирање и пласирање на млади уметници, ние како публика се доближуваме до уметниците, не само професионално туку и лично го запознаваме нивниот карактер и афинитети.
Покрај јасната диференција меѓу студенти и ментори, учесниците се разликуваат и по друг параметар, а тоа е нивното образование и академска позадина.
Убавината кај ваквиот тип на групни изложби е тоа што нуди можност за соеднинение на дела од студенти и професори од голем број факултети и академии во државата. Така што вклучени се и од државни универзитети како што се Факултет на ликовни уметности при УКИМ, Ликовна академија при УГД, Факултет за уметности при Државен универзитет во Тетово, но и оние институции од приватен карактер како што се Школата за дизајн и уметност „Скала“, Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, Факултет за дизајн и мултимедија при ФОН и Меѓународниот Балкански Универзитет. Отварањето на изложбата ќе биде на 17 јуни, а ќе имате можност да ја посетите до 30 јуни. Поради тоа што изложбата вклучува учесници од сите овие образовни институции, дополнително и од повеќе ликовни подрачја како што се сликарство, графика, скулптура, фотографија и дизајн, таа провоцира дискурс околу самите творци за меѓусебна соработка и критика, како и кај публиката која добива поголема слика за насоката во која се движи и развива македонската уметност.
Самиот концептот на изложби овозможува интерактивност, и тоа не само меѓу уметникот и публиката, но и меѓу самите уметници. Да не се занемари фактот дека на уметноста потребна и е публика, таа витален аспект на самата поента и потреба за нејзино создавање. Уште поголемо достигнување од самото изложување на дела е кога тие ќе допрат до гледачите, а можеби дури да им го променат и доградат вкусот со цел да се адаптираат на стилот на уметникот. Па и затоа како и секоја година, така и оваа треба да им се даде поддршка, но и шанса на нашите идни уметници со самото наше доаѓање и отвореност да нурнеме во нивниот свет кои го создаваат преку сопственото творештво.
Наде Циева, студент на Историја на уметноста