„Вечни тела“- изложба на фотографии во КИЦ Скопје на 18 февруари

Културно-информативниот центар- Скопје, организира изложба на фотографии во рамките на проектот „Вечни тела“ од фотографот Жарко Стојчевски и кореографот Искра Шукарова, на

18 февруари 2025 од 20 часот.

Проектот „Вечни тела“ ја деконструира доминантната претстава за староста како крај на активниот живот и значењата што културата им ги припишува на возрасните и ја аргументира потребата од ослободување на возрасното тело од патологиите на маргинализација.

Проектот е осмислен од кореографката Искра Шукарова и фотографот Жарко Стојчевски, споделувајќи ги своите заеднички гледишта за возрасното тело на изведувачот, во соработка со петмина балетски уметници кои биле дел од ансамблот на Македонски народен театар, a потоа во Македонска опера и балет (денес Национална опера и балет- НОБ), а кои се наоѓаат во различни фази од својата кариера и животно искуство.

Проектот е инспириран од работата на Шукарова со Екрем Хусеин во проектот „Црвениот лебед“ (2008) и има за цел да отвори простор за дискусија и нови визии за тоа што значи да се старее во тело кое е активно, моќно и значајно. Жарко Стојчевски пак е фотограф кој е инспириран од возрасното тело, прикажувајќи го доблесно и достојно за почит.

Од сите животни фази, староста најчесто е предмет на негативни општествени перцепции. Дискурсите за стареењето се врамени во тесни и бинарни начини на размислување. Првиот наратив го третира стареењето како процес на губење на продуктивноста, вредноста и убавината, при што телото се обезвреднува како изнемоштено, непродуктивно, пасивно и зависно. Вториот дискурс, пак, се однесува на позитивно и успешно стареење кое се користи со сите неолиберални императиви на капитализмот поврзани со младоста и продуктивните фази на животниот тек. Според него, успешно стареење значи да не старееш и да не се препознаваш како стар, бидејќи поимите за старост не содржат позитивна содржина.

Времетраењето на кариерата на културните работници, вклучително балетските уметници, често е условено од физичката издржливост и визуелната перцепција за телото оценето низ призмата на младоста и физичката привлечност. Оттука, изложбата „Вечни тела“ се осврнува на политичката димензија на телото во рамките на современите социјални и културни кодекси кои се однесуваат на уметничкиот труд, продуктивноста и возраста.

Изложбата вклучува фотографии на денес пензионирани балетски уметници од Националната опера и балет- НОБ: Емилија Џипунова (р.1935 год.), претставничка на првата генерација балетски уметници, истакната солистка, педагог и критичарка; Снежана Шијак (р.1949), солистка; Зоица Пуровска-Велевска (р.1956 год.), првенка и педагог репетитор; Зоран Талев (р.1953 год.), солист; и Ирена Лозинска (р.1961 год.), солистка, педагог и кореографка.

Проектот ги документира телата на уметниците во динамичен процес на изведба, го преиспитува начинот на кој општеството ја стигматизира нивната способност за делување и творење во контекст на возраста и ја проблематизира нивната невидливост на сцената и во јавниот простор. Суптилните гестови наместо отворен отпор не придвижуваат подалеку од она што е културно прифатливо кон ново разбирање на староста како сцена со свои фокуси, приоритети и делување.

Документираните движења на телото, кое има капацитет активно да се спротивстави и трансформира, освен што произлегуваат и го претставуваат самиот живот, го разоткриваат во рамки на делување на институционалните и економските механизми. Гестовите на танчерите откриваат што навистина се случува под површината на изгледот и генерираат нови визии за староста, раздвижувајќи ги телесните архиви и враќајќи ги невидливите тела на оние кои се занемарени во професијата во сферата на нашата социополитичка итност.

Натамошниот развој на проектот вклучува и јавни дискусии, разговори со балетските уметници, како и видеоматеријали со нивни сведоштва за професијата и за предизвиците со кои се соочувале во различни фази од својата кариера.

Проектот повикува на одговорност за тоа како можеме да ги интегрираме и вреднуваме сите аспекти на староста во нашето активно секојдневие и иницира солидарност меѓу генерациите. Токму од оваа перспектива, стареењето станува не само биолошки, туку и социјален и културно значаен процес кој еволуира низ индивидуални и колективни тела кон нови идеи и практики на грижа за тоа што значи да се создава и старее во современиот свет.

Проектот е поддржан од Културно информативниот центар- КИЦ.

Реализација на фотографските сесии во Photo Factory.

Соработници на проектот се: Сашка Костовска Длака, Емил Шулајковски и Кристина Стојчевска

Изведба на движења: Мила Блажевска студент на катедра за балетска педагогија – ФМУ

Текст: Јованка Попова.

Проф. д-р. Искра Шукарова (родена 1972 год. во Скопје) е професионален балетски играч во Македонската Опера и Балет од 1991, каде има реализирано бројни солистички улоги како истакнат солист. Специјализирала на Conservatoire National de Supérier (Националниот конзерваториум) во Лион – Франција, отсек – Современи танцови техники. Таа е магистер по танцови студии на The City University, Trinity Colledge, London – Laban Centre. Од 2002 до 2004 година била Уметнички директор на Балетот при МОБ. Една е од основачите на програмата за современ танц во Локомотива- Центарот за Нови Иницијативи во Уметноста и Културата во Скопје. Дел е од регионалната мрежа за современ танц Nomad Dance Academy. Шукарова е член на мрежата Глобал Практис Шеринг од САД- Њујорк (GPS Network), а членува и во мрежата IIIAC во САД. Има остварено богата кореографска кариера со над 30 дела поставени на регионалната и интернационалната сцена. Од 2010 таа е професор на катедрата за балетска педагогија при ФМУ- УКИМ, а од 2020 ге редовен професор на истата катедра. Во 2014 година Шукарова докторира на отсекот на театрологија при ФДУ-УКИМ во Скопје.

Жарко Стојчевски (роден 1987 год. во Скопје) е уметник со мултимедијален пристап во сферата на создавање на фотографија, видео, поезија, сликарство и сценографија, и активно работи повеќе од 15 години на нашата сцена.

Стојчевски е ко-основач на студиото Photo Factory (Фото Фектори) во кое реализирани многубројни проекти со мултимедијални пристапи. Неговата работа вклучува дела од различни медиуми, со главен фокус на човечкото тело и документаристички пристап.

 

 

Биографии на учесниците:

 

Емилија Џипунова (родена 1935 год.)

Балетски уметник-балерина, педагог, и критичар

Емилија на дванаесет годишна возраст во 1948 год. станува член на првата балетска генерација во Македонија во тогаш Македонскиот Народен Театар. Во 1949 год. за прв пат како солистка настапува во првата целовечерна балетска представа “Бахчисарајска фонтана” на Борис Асафјев, во кореографија на Ѓорѓи Македонски. До нејзиното пензионирање во 1975 год. е редовен учесник во балетскиот репертоар настапувајки како солист, а потоа и како истакнат солист вложувајки се целосно во развојот и растежот на балетот. Меѓу другото, Борис Петковски во својата рецензија вели: “Татјана Петковска и Емилија Џипунова представуваат вистинско изненадување и откритие”. Џипунова реализираше зад себе бројни креации како што беа Дениза и Тарантела во “Балерината и бандити,”, Кукла во “Ѓаволот на село”, Петар во “Ромео и Јулија”, Колумбина во “Копелија”, и повеќе улоги и соло нумери во големите класични дела “Жизел”, “Заспаната убавица” , “Лебедово езеро” “Штраусијада”, “Силфиди” и др.

По активноста како балерина, се бави со балетска педагогија во Балетското училиште ‘Илија Николовски-луј“. Во 1984 год. нејзината активност

како балетски критичар започнува на брановите на Македонското радио- Скопје, потоа во дневниот весник “Нова Македонија”, “Утрински весник”. Таа пишува во списанијата од областа на културата и уметноста “Културен живот”, “Театарски гласник” и е редовен дописник на меѓународното списание од областа на балетската уметност “ORCHESTRA” од Белград – Р. Србија. Автор е на две ТВ серии од едукативен карактер на Балетската Уметност.

Има издадено три книги: “Македонската балетска сцена”, “Балетот како врвна естетика на играта” и монографијата за првенкатав на балетот Јагода Сланева “Раскрилна птица”. Носител е на повеќе награди и признанија меѓу кои: ‘Орден за труд со златен венец’, наградата од областа на современиот танц “Менада” и престижната државна награда “Климент Охридски” и наградата на град Скопје “13 Ноември”.

Снешка Шијак (родена 1949 г. во Скопје)

Средното балетско училиште го завршува во 1967 г. во класата на професорот Јуриј Мјачин. Прв пат настапила на сцената на МОБ 1966 г. во “Половецки логор” и во “Петрушка”. Во МОБ работи од 1968-1992 г. како солист. Во својата балетска кариера има изиграно повеќе улоги, меѓу кои: Билјана во “Охридска легенда”, Колумбина во “Мирандолина” на Јуриј Мјачин, Дами на бал, Пријателки на Џулиета, и Циганки, во двете постави на “Ромео и Јулија”, Цвеќарки (Хуанита), Циганска игра и соло во трети чин во “Дон Кихот”, Фраскита во “Кармен-суита”, Пријателки, Вилиси во “Жизел”, Баханалки во “Валпургиска ноќ”, “Легенда за љубовта”, Пријателки на Марија и една од трите жени на Гиреј во “Бахчисарајска фонтана”, “Рајмонда”, “Лебедово езеро”, “Ѓаволеста девојка”, “Лабин и Дојрана”, “Одблесок”, “Танц на кадетите”, “Поема”, “Штраусијада”, Венди во “Петар Пан”, Смешко во “Снежана и седумте џуџиња”, “Пеце и волкот”, “Соѕвездие “, “Болеро “, “Тоа е човек”, “Зодијак” и други балетски, оперски и драмски ролји.

Зоица Пуровска- Велевска (родена 1956 год. во Скопје)

На свои десет години таа зачекорува во нижото балетско училиште за да во 1969 година со голем успех го заврши Средното балетско образование. Нејзини први учители се Татјана Петковска, Зага Паунова и примабалерината Натка Пенушлиска – Митровска која во раните почетоци остава огромно влијание, а со пристигнувањето на Елисавета Кушовска таа добива врвно усовршување на балетската техника и софистицираност кои се дел од нејзината сценска појава. Таа потоа специјализира во Москва која ја закружува нејзината наобразба како идна првенка при балетот. Зоја и нејзиниот долгогодишен партнер Зоран Велевски одбележаа триесет годишна епоха на творење која понуди години на богата игра и прекрасен репертоар на Македонскиот балет во земјата, но и надвор од неа.

Улоги и премиерни изведби во кои учествувала примабалерината Зоица Пуровска – Велевска: „Кикотење на Гроздана“, „Штраусијада“, „Болеро“, „Валпургиска ноќ“, „Охридска легенда“, „Лабин и Дојрана“, „Бахчисарајска фонтана“, „Тоа е човек“, „Време за љубов“, „Ѓаволеста девојка“, „Танчарка“, „Елан“, „Дон Кихот“, „Лебедово езеро“, „Дубровничка легенда“, „Пролетни води“, „Спартак“, „Аd Absurdum“, „Ромео и Јулија“, „Возвишување“, „Соѕвездието на Конески“, „Снежана и седумте џуџиња“, „Бахчисарајска фонтана“, „Зодијак“, „Рајмонда“, „Распучин“, „Слепа девојка“, „Комбатименто – двобојот на Танкред и Клоринда“, „Pink Floyd Revisited“, „Болеро“, „Бајадерка“, „Валпургиска ноќ“, „Жизел“, „Големиот Бах“, „Корсар“, „Смртта и девојката“.

 

Зоран Талев (роден 1953 год. во Скопје)

Нижото и средното балетско училиште тој го завршува во класата на проф.Јуриј Мјачин од Санкт Петерсбург – Русија. Талев има реализирано солистички кариера при балетот во МНТ во период од 30 години тој има остварено бројни улоги во балетите: “Лебедово езеро”, “Дон Кихот”, “Жизел”, “Петар Пан”, “Крвава Контеса”, “Болеро”и други.

Ирена Лозинска (родена 1961 год.)

Ирена Лозинска има завршено основно и средно образование во Музичко-Балетско училиште “Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Дипломира кај проф. Елисавета Кушовска во јуни 1980 год. Таа е солист при балетскиот ансамбл во Националнa Опера и Балет од 1980 год. воедно и асистент на еминентни кореографи. Како балетски солист зема учество во: “Дон Кихот”, “Жизел”, “Легенда за Љубовта”, “Бахчисарајска Фонтана”, “Ѓаволеста Девојка, “Кармина Бурана”, “Лебедово Езеро”, “Есмералда”, “Гилгамеш”, “The Pink Floyd Revisited”, “Снежана и 7-те Џуџиња”Оревокршачка”, “La Sylphide”. Лозинска исто така е и кореограф креирајќи дела во НОБ како и кореографии надвор од институцијата. Со кореографија започнува да се занимава во 1995 год. со детската претстава „Волшебникот од Оз“ и настапот со балетскиот ансамбл „Копелија“ во Националната опера и балет во Скопје. Учествува на многу Меѓународни семинари за класичен балет, современ танц и џез балет кај еминентни професори од странство. Лозинска била асистент на современ и модерен танц на приватниот Универзитет за танц и драма ЕСРА. Таа продолжува да кореографира свои дела од областа на физичкиот театар како дел од фестивалот ПАМФИЗ во Скопје – „Кабаре на апсурдот“, „Четири“ и „Некое друго време“ и “Безвременски прикаски”. Има реализирано повеќе од 25 кореографии во различни сфери. За прв пат кореографира балет за деца „Петар Пан“ во 2002 год. во Драмскиот театар во Скопје. Истата претстава се играше на репертоар повеќе од 35 пати, а учествуваше и на детскиот фестивал во Шибеник- Хрватска.

Во 2023 година ја преработува „Петар Пан“ како приватен проект изведен во Националната опера и балет во Скопје и има голем успех низ целата земја.

Во 2024 година „Петар Пан“ ја доби наградата „Златна дама торба“. Од 1990 год. таа е била главен координатор, кореограф и наставник во балетското студио при Македонската опера и балет- Скопје. 2000 -2018 година го основа приватното професионално Детско балетско студио „ТУТУ“ во Скопје. Децата-членови на студиото учествувале на многу хуманитарни концерти, ТВ емисии за деца, како и на фестивалот „Скопско лето“. Во 2020 год. се здобива со Диплома за Успешно завршен I модул на Nektan art Butoh студија одобрена од Одборот за образование за Културниот центар Nektan Art.

Изложбата ќе биде отворена до 02.03.2025 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.