Изложба на над 150 дела од младите членови во Крива Паланка

25

17.07.2024

Над 150 цртежи и слики од младите уметници од Ликовното студио при НУ Центар за култура Крива Паланка седел од најновата збирка што можеше да се види на синоќешната изложба, која е резултат на нивната целогодишна посветеност на креативноста и имагинацијата.

Младите ликовни таленти веќе 13 години работат во ликовното студио под менторство на академскиот сликар Роберт Цветковски и досега оттука произлегле многу личности кои изградиле успешна кариера.

„ Едно вакво отворено ликовно студио значи многу за градот, значи целиот потенцијал што го имаат младите да биде искористен, во смисол што од овде веќе се произлезени голем број на претходни учесници кои се архитекти, дизајнери, историчари на уметност, модни креатори, кои никогаш не ја отфрлија уметноста од себе“, истакна Цветковски.

Според него, изложбата може да биде презентирана било каде во светот, бидејќи има квалитет. Застапени се сите цртачки и сликарски техники, што многу ретко се среќава при ваков тип работа со деца.

Младите работат според инструкциите на менторот, но и по сопствена желба, а целта е да се извлече максимумот од нивниот потенцијал за уметност.

„Јас мислам дека Крива Паланка е место каде што младите можат да просперираат. Има доволно место за уметност каде што можат да ги градат своите таленти, но мислам дека сепак се уште недостасува уште поголема поддршка од институциите и од сограѓаните на Крива Паланка“, вели Викторија Ѓорѓиевска, една од талентираните членови на Ликовното студио.

Љубителите на ликовната уметност можат да ги видат делата на младите уметници во изложбениот простор на НУ Центар за култура Крива Паланка.

Изложбата е дел од Кривопаланечко културно лето и од манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата 2024“.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.