Изложба по повод 100 години од раѓањето на Ристо Лозаноски

За крај на тековнава година, Националната галерија, во Даут пашиниот амам ќе одбележи уште еден исклучителен јубилеј- 100 години од раѓањето на Ристо Лозаноски.
Отворањето на изложбата ќе се случи на 26 декември 2024 (четврток) во 19:00 часот, а истата ќе биде поставена до 27 февруари 2025 година.
РИСТО ЛОЗАНОСКИ
(1923- 1965)
Често недоречен во своите настојувања и оправдан во стремежите низ овие слики…
Тоа што постои е вообличено низ индивидуалниот пристап на уметникот кон ова поднебје… Распнатоста помеѓу она што постоело, она што се создава и треба да дојде е евидентно присутна…
Бранко Илиоски за Ристо Лозаноски:
Како дел од веќе востановените практики што произлегуваат од визијата на Националната галерија и се надоврзуваат на мисијата за зачувување на нашето значајно културно богатство се и периодичните или јубилејните претставувања на најзначајните македонски ликовни творци и нивните остварувања. Во селекцијата на претставувањата се истакнуваат авторите застапени во Постојаната поставка на Националната галерија, како уште едно настојување за зачувување од заборав и ревалоризација на творештвото на авторите што во одреден културно-историски контекст одиграле важна улога во дефинирањето на она што денес го нарекуваме македонска историја на уметноста.
Еден од овие автори е Ристо Лозаноски (р. Големо Илино, 1923- Белград, 1965), кој во рамките на Постојаната поставка на македонската уметност од XIV до XX век, поставена во објектот Даут-пашин амам, е претставен со две дела Прастари облици, 1961, масло на платно, и Бела стихија, 1962, масло на платно, во изложбениот дел што го опфаќа периодот на 60-тите години од XX век, односно историскиот приказ на времето кое се однесува на влијанијата и развојот на енформелот во нашата ликовна уметност, што од своја страна доволно говори и за местото и значењето на овој уметник.
Творештвото на Ристо Лозаноски уште од неговите почетоци го забележуваат, а подоцна и го обработуваат голем број македонски историчари на уметноста и ликовни критичари во повеќе нивни осврти, го вклучуваат во приказите на современата ликовна уметност, претставен е во бројни селекции на различни теми, но се чини дека неговиот ликовен опус денес е малку подзаборавен. За значењето на Ристо Лозаноски за македонската ликовна уметност постојат мноштво осврти на критичарите што го вреднувале неговото творештво: Антоние Николовски во повеќе наврати се произнесува за самостојните изложби и е автор на Комеморативната ретроспективна изложба, Уметничка галерија – Скопје, 1969, Борис Петковски, Соња Абаџиева, Ладислав Баришиќ, Владимир Величковски, Марика Бочварова- Плавевска, Лилјана Неделковска, Валентино Димитровски итн.
Присуството на Лозаноски во споменатите селекции се должи на неговиот распространет интерес и дејствувањето „на повеќе полиња“ во смисла на ликовниот израз и изборот на теми што го окупирале неговиот интерес во, сепак, релативно краткиот животен и творечки век (починал на рана возраст од 42 години). Така, Лозаноски уште од самите негови почетоци го интересираат повеќе теми – од портрети, актови и фигури, преку мртви природи, пејзажи и историски (епски, револуционерни) теми, па сè до теми со извесни реминисценции на традиционалните мотиви, со етнолошка (битова) провениенција.
Прераната смрт на Ристо Лозаноски ја осиромаши македонската уметност за една прогресивна личност чиј понатамошен развој може само да го претпоставиме со изучувањето на она што како автор го оставил зад себе, но и да иницираме понатамошно студиозно проучување на одредени ликовни творечки фази на постојните остварувања.
Маја Чанкуловска- Михајловска, виш кустос
Маја Неделкоска- Брзанова, кустос советник
***
„Отсекогаш сум се носел со мислата да создадам циклус слики од НОБ. Ги носев во себе, од својата најрана младост, впечатоците од она време, време на партизански колони, јуриши и грчеви во окупираните градови. Настојував да најдам погоден израз на она што сликарски го доживував и на она што е всушност епопејата на НОБ. Стремежот и патот во мојот уметнички развиток беше потребно да ги усогласам со темата НОБ, но да не паднам во наративност и груба пропаганда. Интимното доживување на впечатоците од НОБ втиснати во младоста беше потребно да се спроведе во една мера, ненаметливо а присутно, а, од друга страна, тие впечатоци и таа суштина на тој период да се прикажат објективно и вистинито, технички и стилски урамнотежено, за да претставува една интимна сликарска целина за тоа време.
Колку сум успеал во тие стремежи, ќе оцени публиката“.
Ристо Лозаноски, од каталогот за изложбата „Циклус НОБ“ од 1959 година
***
Коле Чашуле, Ликовна изложба Р. Лозаноски, Уметнички павилјон, 2-15 март 1957, Јас не сум ликовен критичар. Но сакам да бидам сведок за она повеќегодишно напорно устремување на Лозановски од оној ден пред војната кога по прв пат седнат врз каменот Врбеско маало загледан врз неговата палета- па до недалечниот ден минатата година кога на таванот на прилепската гимназија бев почестен со првата средба со платната што сега стојат на ова изложба. Сакам да бидам сведок за оној творечки немир, за она творечко барање што го исполнило интервалот на тие години со зреење и сознавање дека на одбраниот пат нема вистински станици нити крајна точка. И дека сета убавина останува во самото изврвување на патот.
Т. Локвенец, „Стремежите на уметникот“, Нова Македонија, 14288, 31 октомври 1986, 10-
Многумина му се чудеа кога ќе ја споменеше „ритмиката на Прилеп” Прашуваа: што слуша уметникот во градот каде што ние ништо не можеме да чуеме освен здодевните озборувања и немилосрдните критики?! А, уметникот, таа ритмика ја црташе. Му се полнеа очите со опојна убави на од богатите прилепски дворови со цвеќе, каде што жуборат отворени чешми, и каде што дури ни камарите од авлиите не ги фаќаше сенка. Тоа што за Шекспир беше сонот на летната ноќ, Ристо Лозаноски е јавето на летната прилепска жега со жолтило од тутун. Неговите платна не носат натурализам и наративност. Тие се ослободени од секакво робување на елементите врзани за едно сликарство. Уметникот имаше свои визии. Не ги чуваше за себе, зошто беше цврсто уверен дека „соновите не се предавство“. Во црвената и црната боја што ги полазуваа врелите камења на Марковите кули, Ристо Лозаноски се откри самиот себе, својот народ.
Вечер, бр.502, 15 мај 1965, 7: Лозановски, неуморно создава и ликовни дела, врзани за земјата и нашиот човек, и неговата вековна борба за слобода. Од тој период на неговото творештво се познати сликите на циклусот ,,Народноослободителна борба”, во која ја прикажува храброста и моќта на нашите партизани. Неговите слики говорат дека секој камен и секоја појава имаат човечка смисла и затоа на камените хоризонти им дава смисла нa ликови, во акциjа.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.