Отворањето на програмска изложба- Јубилеј по повод 120 години од раѓањето на Томо Владимирски, нејзината инаугурација е закажана за 5 септември 2024 година, четврток, во Даут-пашиниот амам со почеток во 20.00 часот.
***
Томо Владимирски е еден од основоположниците на македонскиот модернизам во ликовната уметност. Македонскиот модернизам, чија основа ја поставија неколкумина претставници на првата, основоположничка генерација образовани македонски ликовни уметници, започнува да се следи од крајот на втората и третата деценија на минатиот век, преку активности и изложби кои почнуваат да го носат „новиот“ модерен дух на развиените европски општества, имплементиран генерално низ активната соработка со северниот сосед . На таа генерација, која ја предводат Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов-Аврамовски, Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и други, им се приклучува со мало задоцнување и Томо Владимирски. Неговиот мирен и ненаметлив карактер, умерен и посветен уметнички нерв, дисциплинираност и скромност, придонесуваат Владимирски да остави своја автентична трага во историјата на македонскиот модернизам. Неговиот квалитетен уметнички сензибилитет е забележан и високо оценет од локалната, но и од меѓународната критичка фела.
Во оваа пригода, по повод одбележување на јубилејот, одлучивме да дадеме акцент на неговиот вистински печат и препознатливост, оној сижеен корпус со кој Владимирски оставил неизбришлива трага во македонската модерна основоположничка генерација, а тоа е пејзажот и неговиот специфичен македонски колорит. Владимирски е поет на македонскиот пејзаж, сликар кој умеел да ја преточи убавината на македонските предели во прекрасни дела. Истовремено, тие се и сведоштво за односот на човекот кон природата кој забрзано се менува во современата констелација од развојот на нашата планета во кој доминира човекот – периодот наречен антропоцен. Со своето творештво тој остави трајни вредности кои се дел од националното културно богатство, како важен дел од развојот на македонскиот модернизам во ликовната уметност.
Изложбата ја подготви нашиот кустос советник, д-р Ана Франговска, а истата ќе биде поставена во Даут-пашиниот амам цел месец. На неа се поставени околу 70 дела во техниките масло на платно и на лесонит, а истите се во сопственост на фамилијата на Владимирски, но и голем број приватни сопственици и почитувачи на делото на Владимирски. На изложбата, покрај уметнички дела, ќе биде изложен и документарен материјал, кој ќе ни ја претстави и личноста и значењето на Владимирски, но и проекција на дела на Владимирски во аугментативна реалност, т.е. анимирани, со што на самиот проект ќе му дадеме една мултимедијална димензија и разновидни сензации.
Томо Владимирски (1904-1971)
1904 Роден во Скопје
1922-1933 се школувал во Белград, кај професорите: Бета Вукановиќ, Љуба Ивановиќ, Милан Миловановиќ и Иван Радовиќ
1933-1935 завршува Академски курс во Белград
1935-1937 специјализира кај професорот Јакуб Обровски на Уметничката академија во Прага
1938 Скопје, прво вработување како професор по цртање во Вечерната трговска школа
1939-1965 Скопје, работи како сценограф во Македонскиот народен театар
1947 добива награда од Владата на НР Македонија за ликовно творештво
1950 Скопје, добива награда од Владата на НР Македонија за сценографија
1955 Белград, Орден на трудот од III ред со Указ на Претседателот на Републиката
1961 Скопје, Октомвриска награда за изложбата “Покрај Вардар“
1964 Скопје, спомен-плакета на град Скопје од Собранието на град Скопје
1965 Белград, Орден на трудот со златен венец
1967 Скопје, Октомвриска награда за животно дело