Изложба на скулптури од Марјан Стојаноски во КИЦ на РСМ во Софија

На 24 август (среда) 2022 од 18.30 часот, во галеријата на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија, ќе биде отворена изложбата „Panta rhei“ на македонскиот ликовен уметник Марјан Стојаноски.

Оваа прва самостојна изложба на Стојаноски во Софија е составена од ротирачки скулптури, изработени со користење на метал и елементи од дрво. Делата се настанати во последните две години и беа претставени во Скопје оваа година.

Изложбата во КИЦ на РСМ во Софија ќе биде отворена до 31 август 2022 година.

Марјан Стојаноски е роден во Прилеп 1983 година. Средно образование завршува во Уметничкото училиште „Лазар Личеноски” во Скопје. По завршувањето на средно образование, се запишува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди.

Член е на друштвото на ликовни уметници на Северна Македонија (ДЛУМ). Во два наврати е претседател на друштвото на ликовни уметници од Прилеп (ДЛУП), каде што во 2015 година ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул”.

Има реализирано голем број на изложби, како самостојни, така и групни изложби.

Живее во Прилеп, каде што и работи во Центарот за Култура „Марко Цепенков” ликовна дејност.

За изложбата м-р Бранче Трајкоски ќе каже:

“Авторот Марјан Стојаноски, во скулптуралната поставка во Софија во галеријата на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија, ги дава на увид досегашните остварувања, каде неговиот творечки интерес во континуитет се движи меѓу две литерарно-уметнички теми на инспирација – актуелизирањето на Mythos во современата уметност како желба на модерната епоха да ја има во своите карактеристики, и пројавувањето на Logos-от во креативните интерпретации (т.е. желбите на постмодерната епоха). Па оттука, претходниот опус „Феникс“, неизбежно се влева и во поновиот циклус „Панта реи“, при што е внесен и онтолошкиот, и историскиот момент при градењето на скулптуралната нарација. Наративните модели на митското раскажување со филозофската мисловна логика преку процеси на деконструкција и реконструкција, се доведени во врска, природно спакувана во поетиката на авторот, кој неретко создава синестезички односи меѓу визуелните впечатоци на различните материјали во просторот. како нова слика од неочекувани ревизии и оригинални уметникови конструкти, кои секако имаат свое незаменливо место во широката зафатнина од уметничкото светско наследство; а парафразата од Ф.Јансен, дека – постмодерната е „поле на сили“ кои делуваат во различни правци -, во продолжение нека не* води кон откривањето на богатите референци на изложеното пред нас.” 15.08.2022 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.