Вчера,17.09.2024, по повод “8. Септември – Денот на независноста”, Амбасадата на Република Северна Македонија во Црна Гора во соработка со Секретаријатот за култура на Главниот град Подгорица беше отворена изложбата „Моја Македонија“ на македонскиот фотограф Милан Џинго.
На отворањето присутните ги поздравија секретарката на Секретаријатот за култура на Подгорица, Снежана Томановиќ, амбасадорот Зеќир Рамчиловиќ и авторот на изложбата Милан Џинго.
Секретарката Томановиќ ја истакна успешната соработка меѓу Секретаријатот за култура и Амбасадата на Северна Македонија, чиј резултат е оваа изложба, но и настанот со кој повеќе од успешно ќе заврши годинешното Подгоричко културно лето, концертот на Националниот ансамбл „Танец“ на 20 септември од 20:00 часот во КИЦ „Будо Томовиќ“
Изразувајќи благодарност до секретарката Томановиќ и амбасадорот Рамчиловиќ, авторот на изложбата, Милан Џинго, истакна: „Ова е мојата прва изложба во Црна Гора, во Подгорица, што особено ме радува. Но, беше тешко да се изберат 84 фотографии од преку 180.000 фотографии за на најдобар можен начин да се прикажам цела Македонија и нејзините убавини, а особено сакам да ги поттикнам оние што не биле да дојдат и да уживаат во тие убавини“.
Амбасадорот Рамчиловиќ истакна дека за него е голема чест и задоволство што може да ги поздрави присутните од ова прекрасно место, од срцето на Подгорица, по повод одбележувањето на еден од најзначајните денови за Република Северна Македонија, Денот на независноста. Со верба дека оваа изложба ќе го разбуди интересот на граѓаните на Подгорица и Црна Гора да ја посетат Македонија, тој истакна дека „Северна Македонија и Црна Гора отсекогаш негувале пријателски односи и оваа изложба е резултат на тоа пријателство, но е и најдобар начин за зајакнување на врските меѓу нашите народи и држави.”
Изложбата е дел од програмата „Подгоричко културно лето“ и ќе биде отворена во наредните триесет дена. Со оглед на тоа што се наоѓа на многу посетено место, на платото помеѓу Националната библиотека „Радосав Љумовиќ“ и Градското собрание на Подгорица, се очекува да ја видат илјадници граѓани на Подгорица и да имаат можност да се уверат во убавините што ги нуди Македонија.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.