На 12 декември 2024, во објект Мала станица при Националната Галерија на Македонија, во 20 часот ќе се отвори самостојната изложба на ликовниот уметник и професор од Република Хрватска, Данко Фришчиќ. Проектот е финансиски подржан од Министерството за култура и туризам на Република С. Македонија во овогодинешниот конкурс за национални установи.
”СЛИКОИДИ- МЕТАЛАГАЛАКТИК ” е наслов на изложбата на која Данко Фришчиќ ќе се претстави со четиринаесет слики изработени во техника масло на платно, создадени во 2024 година.
Хрватскиот уметник и професор Данко Фришчиќ за прв пат изложува во Националната галерија на Македонија, што за мене како куратор беше предизвик да ја поставам неговата изложба и да ја оживеам во изложбениот простор. Ги обединува уметничките граници на Хрватска и Македонија, со што се продлабочува веќе воспоставената соработка меѓу двете земји.
Искреноста, посветеноста, откритијата во звучните сцени кои авторот ни ги изразува преку неговите ткаенини, водат кон космичка фантазија и нежна иронија со дополнителен забавен карактер. Изложени се слики од циклусот „SLYX“ со кои тој, преку својот уметнички јазик нè информира за своите визионерски и колористички претстави во специфичен авангарден експресионистички стил.
Во сликите се издвојува експресивна линија, со динамични контрасти и акцент на естетиката на гротеската. Тие се фундаментални карактеристики во сликарството на Фришчиќ. Преплетот на деталите дава аура на тонско богатство, создавајќи нестабилност и хаос и ја доведува темата во надреална композиција. Пред нас имаме мајстор на фантазијата и фигурацијата, кој со својот карактеристичен стил нè води до вистинската реалност која всушност и пристапува целосно ослободена од контрола или од некоја причина за постоење.
Уметничкото дело изразува халуцинаторна визија и впечаток дека влегуваме во играта на асоцијации, а од друга страна не поврзува со нормалната состојба на умот. Со своето движење, Фришчиќ ги надминува традиционалните форми, истражувајќи нови начини за изразување на содржината и отелотворувајќи ја неочекуваната средба со различни елементи, кои се негова инспирација за различни асоцијации. Тој е склон кон разнобојни огномети, а неговата шема на визуелно сликарство се постигнува со артикулирање на ритам, со одредено емотивно чувство за самосвесно баран ефект.
Инаку, Данко Фришчиќ потекнува од истакнато уметничко семејство. Неговиот татко е познатиот уметник Иво Фришчиќ од кого Националната галерија на Македонија има дело во својата богата колекција. Двајцата се двојно поврзани – и преку директна крвна линија и преку уметноста како нивна професија. Како што би рекол Данко во едно интервју, на прашањето за односот со татко му: „Брзината на нашата сличност и во исто време нашата разлика“.
Работи како редовен професор на Ликовната академија во Загреб, каде и дипломирал 1997 г., а од 2019 г. до 2023 г. бил продекан за настава за меѓународна соработка. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Хрватска, и има реализирано над седумдесет самостојни изложби и над двесте групни изложби низ светот и Република Хрватска.
Кустос на изложбата е Маја Крстевска и истата ќе трае до 26 декември 2024.