Изложба на скулптури под отворено небо на платото на Младинскиот културен центар во Скопје од академскиот скулптор Александар Ефтимовски.
Изложбата ќе биде свечено отворена на 7 јули во 19 часот на платото пред влезот на МКЦ. Ликовната поставка од 5 геометриски и апстрактни скулптури во голем формат, изработени од челик, ќе биде поставена во период од 2 месеци.
Темата на која работеше авторот за оваа изложба се ТОЧКИТЕ НА ГЛЕДИШТЕ. Овие точки, колку и да се исти, слични или различни, ја претставуваат природата во нејзината едноставност и комплексност. Ова не се однесува само на ликовната форма што ја претставува авторот, туку е и директно поврзана со самото човечко битување, а тоа е и убавината на разноликоста: разноликост во однесување, еднаквост на размислување или пак спротивно визуелно интерпретирање; сите овие работи всушност го прават постоењето да биде поспонтано и предизвикувачко. Александар Ефтимовски е визуелен уметник, кој е особено посветен на третата димензија. Неговото творештво е карактеризирано со полни волуменозни форми. Иако каменот во сите негови форми и бои претставува есенцијален материјал за творење, авторот користи и други материјали за неговиот ликовен израз како што се железо, дрво и бронза. Во создавање на неговите скулптури, авторот најмногу ја користи апстрактната формалистичка форма, која преку геометриските, овални форми го карактеризира неговото дело. Александар ги постави основите на своето ликовно знаење на Академиите за уметност во Фиренца и Карара (Италија), како и Факултетот за ликовни уметности во Санта Круз, Шпанија. Ефтимовски по завршувањето на своите студии се посвети на создавање на скулптури во голем формат на ликовни собири, како симпозиуми и фестивали. Делата што авторот ги створи на овие манифестации се поставени во повеќе од 20 европски, американски и азиски држави. Александар учествува на повеќе од 50 групни и 10 самостојни изложби во Македонија и надвор од неа. Тој е добитник на повеќе награди и признанија, но најдраго и особено значајно му е првото место добиено на симпозиумот за скулптура во О’Грове, Шпанија. Скулптурата со име „Звуците на универзумот“, која авторот ја направи на Tuwaiq International Sculpture Symposium во Ријад претставува едно од неговите најголеми технички и ликовни достигнувања. Дел од неговите творби се во постојаните колекции на Националниот ликовен музеј на Кина во Пекинг, колекцијата на Шиан како и приватни колекции низ Европа
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.