Изложбата Алегории, која е во програмата на Скопско лето 2024, ќе биде отворена на 18 јули во 20.30 часот во Галеријата Ко- Ра, при ЈУ Дом на култура Кочо Рацин, Скопје. Ќе биде достапна за јавноста во периодот 18- 28 јули 2024 година.
Во оваа изложба авторот Игор Поп Трајков повторно ни претставува палета од новите дигитални изразни средства, во комбинација во вештачката интелигенција и класичните сликарски техники. Оваа група на остварувања се надоврзува на долготрајната потрага на овој автор по значењето во современоста, како и современото значење, кои пак се дел од западната цивилизација. Несомнено знаењето, повеќезначноста заземаат голем простор во творештвото на Игор Поп Трајков, а особено во оваа изложба. Чувството за хумор е исто така важно кога треба да се оствари некаков сериозен опус- мисли авторот, а тоа е согледливо и во неговата последна, 5-та по ред самостојна изложба Алегории, каде тој го третира ова старо изразно средство на современ начин и со многу иронија.
„Етимологијата на зборот алегорија потекнува од старогрчкиот збор agoreuein и како таква приопштува алудирање кон јавно искажаното мислење, но во себе го содржи и значењето на нешто друго, значи алудира на скриено значење. Низ историјата алегоријата како термин најчесто се користела со дидактичка конотација, искажување на извесна поука или мудрост, која мудрост најчесто се состоела во простиот факт дека не е мудро да се изкаже мислењето директно, туку заобиколно. Историски гледано алегориите се користеле за дипломатија како начини на групи или индивидуи да си го зачуваат својот интерес задржувајќи мирољубиви односи. Можеме да воочиме дека како изразно стилско средство во сите уметности, алегориите се појавувале кога демократиите имале проблем со самите себе, или кога едноставно немало систем на слободно искажани ставови во Западната Цивилизација.
Изложбата Алегории обемно се надоврзува на горенаведените стереотипи, настојувајќи да проникне во значењето зад значењето, односно да ја досегне деликатната дозираност која ова изразно средство ја има во денешнината; не само во светот на уметноста и креативните индустрии, туку дури и во секојдневието, како на пример во медиумите. Всушност на типичниот провокативен и шокантен начин за Игор Поп Трајков, тој ни дава една слика на ќор- сокакот во кој има западнато западната јавна сфера, па мора повторно да се навраќа кон изразното средство кое самата таа го прогласила за средновековно- алегоријата.
Но, алегоријата нели и традиционално нема улога само да зборува таму каде устата- би било најдобро за самата неа- би требало да молчи. Таа наводно ја има дидактичката функција, која по својата намена е блиска до детската психологија. Доколку на детето му кажувате директно што би требало да прави, тоа ќе се инаети и ќе ја развива нарцисоидната страна на својата личност, заради што е најдобро преку игра, заобиколно да му се укаже на грешките, на грубата вистина, наспроти посакуваната, пријатна лага во која би сакале да живеат сите деца.
Во оваа изложба Игор Поп Трајков ни претставува и композиции кои се комбинации на дидактика, оние од релацијата историја и уметност, антропологија и политика, или би можеле да се подведат во неколку различни, флуктуирачки групи. Како и да е авторот дава до знаење дека делата стојат сами, и не треба да бидат групирани за да бидат разбрани. Делата им апелираат на сите- секоја убава алегорија може да биде оценета на свој начин. Поп Трајков уште еднаш нѐ интригираше со оваа изложба. Тој ни даде колекција која нѐ зашеметува со својата прецизна техника која беше постигната со различни изразни средства. Убавината на делата е несомнена, но изложбата прави да се запрашаме за светот околу нас, и нашето место во него“- вели кураторката на изложбата Алегории, Џоана Пентала.