Претставување на Христина Иваноска во Галеријата на САНУ и Музејот на Југославија во Белград

Во рамки на одбележувањето 120 години од раѓањето на Ѓорѓе Андрејевиќ Кун, значаен српски уметник и револуционер, професор на Академијата за ликовни уметности и академик, беа организирани две големи значајни изложби во Галеријата на Српската академија на науки и уметности (САНУ) и во Музејот на Југославија во Белград каде, со свои дела и изработка на монументален мурал се претстави и македонската уметница Христина Иваноска.

Името на Ѓорѓе Андрејевиќ Кун претставува главна одредница во историјата на југословенските уметности на 20 век која дирекно се однесува на поимот „борбен реализам“ – уметност која е тесно поврзана со ангажираните, еманципаторски општествено-политички случувања од минатиот век.

Двете изложби се во организација на Галеријата САНУ, Музејот на современа уметност во Белград и Музејот на Југославија, а авторки на ова значајно одбележување се м-р Мишела Блануша, д-р Вида Кнежевиќ и Ана Паниќ.

Во рамки на изложбата со наслов „Кун: уменик – работник – борец“ во Галеријата на Српската академија за науки и Уметности во Белград, чија кураторка е д-р Катарина Живановиќ, во која покрај изложениот импозантен избор на оригинални дела од сите фази на Куновото творештво, се претсавени и дела од неколку современи автори. Делата на Дејан Марковиќ, уметничкото дуо Doplgenger и Иваноска, интегрирани во поставката се изложени во обидот да се разбере на кој начин Кун денес е запишан во колективното сеќавање, и во која мера неговото влијание е присутно во современите уметнички пракси. Иваноска на оваа изложба се претстави со дело кое се однесува на женските еманципаторски стратегии на отпор во Народноослободителнтата војна пред сѐ во Македонија преку списанието „Македонска“ од нејзиниот долгогодишен истражувачки уметнички проект „Документот што недостига: За методологијата (текст, глас и тело)“. Во рамки на делото таа направи и поврзување на Кун и македонскиот ументник, илустратор и карикатурист Василије Поповиќ – Цицо, преку нивната долгогодишна соработка, Кун на српското, а Цицо на мекедонското списанијата за жени кои како органи на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) излегуваат во сите републики на повоена Југославија, и како ко-автори на македонскиот грб, Цицо како иницијален автор, и Кун и Антун Августинчиќ како соработници кои го доосмислуваат и стандардизираат.

Во изложбата во Музејот на Југославија со наслов „Кун: Слобода, еманципација, образование, труд!“, Иваноска беше поканета од страна на кураторките Симона Огњановиќ и Ана Паниќ, да изработи мурал со монументални димензии (14 м х 3.5 м) инспирирана од Куновата скица за споменикот во Ивањица (Србија) од 1952 г. Скицата е дел од фондот на Музејот која е реставрирана оваа година и за прв пат изложена за јавнос во рамки на одбележувањето. Таа е работена за мозаик кој е дел од целокупното архитектонско решение на споменикот изработена од страна на Кун, а отворен на Денот на востанието 7. јули 1957 г. Во изработката на муралот Иваноска ја користи кириличната типографија „Архетип отворена форма“ која ја создаде во изминатите години во рамки на својата уметничка пракса, каде се избришани вертикалните и хоризонтални линии на буквите, како хиерархиски постулати, за да се отвори простор за заборавените гласови од минатото. Текстот кој е испишан, „Слобода, еманципација, образование, труд!“, се однесува на примарните цели на револуционерите за кои се бореа во минатото, достигнувања кои беа доведени во прашање и оспорувани во сегашноста, и цели кои треба да се прошират и разгледаат надвор од антропоцентричното однесување за (сѐ уште) можна иднина. Боите на муралот се извлечени од Кунивата скица кои во просторот се поставени еден наспроти друг како во дијалог. Во изработката на муралот учествуваа и Илиана Петрушевска (технички цртеж), и Паинт Картел (изведба). Изложбата е надополнета и со 20 Кунови графики од мапата „Партизани“, како и фотографии од семејната архива.

И двете изложби се отворени за јавноста до 8. септември 2024 година.

Izlozba_Kun: umetnik_radnik_borac

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.