Ѓоргова: Изложбата „Австриската уметност по 1945“ е потврда за важноста на меѓудржавните културни политики

31.10.2024

Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска- Ѓоргова, вчеравечер во Даут- пашиниот амам, пред многубројните љубители на уметноста, екселенции и други гости, се обрати на свеченото отворање на изложбата „Австриската уметност по 1945“, за која потенцираше дека ќе остане забележана како потврда за долгата историја на одличните односи меѓу двете држави и култури.

„Одржувањето на пријателските односи и меѓу македонската и австриската култура е резултат на силниот влог и длабоката посветеност на разбирањето и отвореноста, на одржување на континуитетот во ткаењето на односите кои бележат несомнено голема традиција“, истакна Станчевска- Ѓоргова, напомнувајќи дека овој настан е потврда токму за важноста на меѓудржавните културни политики.

На изложбата, која се организира по повод 30 години воспоставена дипломатска соработка меѓу двете држави, Станчевска-Ѓоргова истакна дека оваа изложба е знак на почит меѓу двете држави, знак за поддршка на културниот идентитет на народите, но и врска за меѓусебно продлабочување на односите на повеќе нивоа.

Со овој пресек на современата австриска уметност, делата и авторите кои извршиле своевидно влијание врз европската и врз балканската модерна, одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските врски меѓу нашите две држави“, рече државната секретарка во Министерството за култура и туризам, која додаде дека вакви сериозни проекти даваат нов квалитет во градењето на билатералните односи, укажувајќи на значењето и силата на уметноста во споделувањето на европските вредности.

Потенцирајќи го спознавањето на современата австриска уметност по 1945 година, како и влијанието и одразот на овие ликовни дела врз развојот на политичкиот, социјалниот и технолошкиот живот во 20 и 21 век, Станчевска-Ѓоргова истакна дека изложбата овозможува богатство на сознанија за културните влијанија и потенцијалот на минатиот творечки одраз во денешницава.

„Вака подготвената изложба со дела кои обележуваат широк распон на творештво од периодот на повоена Австрија па сè до денес, згрижени во приватните колекции на австриските љубители на уметноста, укажуваат на посветеност и љубов во грижата и промоцијата на сопственото културно наследство“, рече Станчевска-Ѓоргова, потенцирајќи дека тоа е една од најважните алки која, меѓу другите, гради мост на соработка и желба за продлабочување на културните врски меѓу два пријателски народи. 

На свеченото отворање на изложбата во Даут-пашиниот амам, се обратија иМаја Неделкоска-Брзанова, в. д. директор на Националната галерија; Мартин Памер, амбасадор на Австрија во нашата држава; Кристоф Тун-Хоештајн, амбасадор и раководител н а Директоратот за културна соработка при австриското Министерство за европски и меѓународни прашања; Волфганг Бандион, куратор на изложбата, како и Весна Ѓорчева, член на Управниот одбор на Македонија осигурување АД Скопје, Виена Иншуранс груп.

 

Национална галерија на Република С. Македонија:

 

Одбележувањето на 30 години од воспоставувањето на дипломатска соработка помеѓу Австрија и С. Македонија, со претставување на изложбата „Aвстриската современа уметност по 1945“ ја донесува на сцена сликата на пријателската рамка помеѓу двете земји. Оваа исклучителна соработка се темели како преку личните контакти, така и преку културолошките и економските контакти. Учеството во натамошниот развој на пријателските односи е од голема важност за Австриската амбасада во Скопје за што говори и високиот протокол на отворањето на изложбата.

Најнапред, публиката и високите претставници од Австрија ги поздрави Маја Неделкоска Брзанова, директорка на Националната галерија.

„Националната галерија како најстара и водечка институција од галериска и музејска дејност во нашата држава, тргнувајќи од нејзиното основање во далечната 1948 год., па се до денес, настојува да презентира најразнообразни ликовни изразувања и автори кои одиграле значајна улога и оставиле посебен белег во афирмацијата и развојните тенденции како во македонската, така и пошироко, во светската современа ликовна уметност. Изложбата “Австриската современа уметност после 1945”, поставена овде во објектот „Даут пашин амам“, споменик на културата кој датира од втората половина на 15 век, а на чие отворање вечерва присуствуваме е дел од низата културни настани организирани по повод одбележувањето на јубилејот 30 години од воспоставувањето на дипломатска соработка помеѓу нашите две пријателски земји. Ваквите настани се, пред се, одраз на долгогодишното взаемно почитување во градењето на значајни билатерални културни врски.

Ако се согласиме дека јазикот на уметноста и културата е универзален јазик кој во себе ги создава, гради и негува општочовечките вредности, тогаш можеме да кажеме дека токму преку афирмацијата на уметничкото творештво во најголема мера всушност можеме да ги зацврстиме културните врски меѓу народите и земјите, притоа секогаш истакнувајќи ги взаемните и универзални вредности и поттикнувајќи исклучиво одредена хуманистичка димензија“ – истакна Неделкоска Брзанова.

Секогаш позитивниот и пријателски тон на австрискиот амбасадор и овој пат прозвучи низ галерискиот простор на Даут пашин амам:

„Културната дипломатија, место за средба меѓу локалното и глобалното знаење е привилегиран посредник меѓу различни општества. Меѓу најголемите приоритети на Амбасадата е реципрочната промоцијата на културата на двете земји, културно наследство кое дејствува како мост меѓу цивилизациите и го поттикнува дијалогот.

Уметничката креативност, изразување и делата што произлегуваат од нив се секогаш под влијание на традицијата и наследството. Сепак, овие влијанија можат да послужат како инспирација за нови уметнички форми, без разлика дали преку бунт, спротивставување или одговори на пресврти, закани, катастрофа или уништување. За возврат, овие нови форми може да еволуираат во изрази на иронија или отуѓеност. Прашањето, дали 1945 година претставуваше нов почеток за австриската уметност или дали континуитетите од пред таканаречениот „Аншлус“ во март 1938 година се движеа, или дури и дали развојните линии од пред 1918 година сеуште играа улога, е прашање што може веројатно да се одговори само со јасно „сите тие, секако“. Напредокот постигнат по Втората светска војна – вкоренет во просветителските вредности како што се човековите права, демократијата, владеењето на правото и (социјалната) пазарна економија и нивното спроведување, имаше широк досег и партиципативно влијание. Оваа промена, која се оддалечи од тоталитарните идеали и траеше до крајот на Железната завеса, донесе невидена различност во општеството и културата. Постојано се развива стилската, концептуалната и креативната разновидност која е во контраст со поригидните класификации на големите уметнички епохи од минатото и сеуште може да се смета како дефинирачка карактеристика на глобалниот културен развој – вклучително и во Австрија – сподели меѓу другото, австрискиот амбасадор, господинот Мартин Памер. Воедно, амбасадорот лично се заблагодари на сите чинители кои дадоа личен придонес во реализацијата на овој настан.

Во реализацијата на изложбата “Австриската современа уметност после 1945” е вклучено Министерство за култура и туризам што претставува директна поддршка на меѓународната културна соработка и активност. Протоколот на настанот го надополни присуството и обраќањето на државниот секретар во Министерство за култура и туризам.

„Оваа изложба е знак на почит меѓу двете држави, знак за поддршка на културниот идентитет на народите, но и врска за меѓусебно продлабочување на односите на повеќе нивоа.

Со овој пресек на современата австриска уметност, делата и авторите кои извршиле своевидно влијание на европската и на балканската модерна, одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските врски меѓу нашите две држави. Секако дека вакви сериозни проекти даваат нов квалитет во градењето на билатералните односи укажувајќи на значењето и силата на уметноста во споделувањето на европските вредности.

Сосема на крај, би сакала да додадам дека антиципацијата на нови меѓукултурни и меѓудржавни дијалози не завршува со овој проект.

Негувањето на традицијата на меѓусебните односи во сите сфери со Република Австрија, нè обврзува да останеме доследни, да продолжиме по патот по кој што е трасирано нашето вистинско пријателство и насоченоста кон нови перспективи за идните генерации.

Да продолжиме да постигнуваме забележителни резултати, со свесност дека постојат голем број можности кои чекаат да бидат реализирани, многу активности и нови проекти во културата, нови содржини кои ќе ги зајакнат односите и во регионот“ – е дел од обраќањето на Марија Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам.

Д-р Кристоф Тун-Хоенштајн, амбасадор и раководител на Директоратот за културна соработка при австр. Министерство за европски и меѓународни прашања експлицираше за значењето на културните размени, културниот дијалог во процесот на европското интегрирање.

Кураторот на изложбата, Проф. Волфганг Бандион го имаше завршниот збор за претставување на селекцијата од приватната колекција на современата австриска уметност по Втората светска војна.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.