Петок, 29 Октомври, 2021 година, во 14 часот, во НУЦК Трајко Прокопиев, Куманово, ќе биде отворена изложба „РЕТРОСПЕКТИВ-РЕТРОАКТИВ” на уметницата Дороти Пачкова. Поставката вклучува и обединува дела, од сите, над 30 самостојни изложби кои авторката ги поставила во земјата и странство, како и поединечни дела со кои била дел од групни изложби.
Оваа пресек изложба, ги содржи сите нејзини творечки и жевачки фази, кои таа смета дека се неразделни и взаемно зависни.
Ретроактивно, за Дороти значи постоење низ акција. Или дека нешто, како закон, стапува на сила во период во минатото и започнува да делува. Ова е спротивно на ретроспективата, што се однесува на анализирање или гледање на нешто во/од минатото.
Комбинирањето на ретроактивноста преку ретроспективно изложување, е концепт кој неслучајно упатува на феминистички конструктивизам кој алудира на темелот на егзистенција на самата авторка -преобмислување.
Од романтичарска перспектива станува збор за слобода за одлучување на сопствената судбина, слобода во однос на наметнатите улоги и идентитети, слобода од ограничувањата што ни ги пласира угнетувачкото општество и слободата да се изразуваат мислите и да се претворат во акција, во живот, да се оживотворат, материјализираат.
За авторката, пишуваат:
„Ретроактивната, а не само ретроспективна изложба на Дороти Пачкова е резултат на нејзината внатрешна нужност да ја преобликува стварноста, да дејствува со повратна сила, па така наместо само да прераскаже и да се врати во минатото, во настаните што некогаш се случиле, таа длабоко понира во сопствените длабочини и ни открива еден нов момент во кој ги спојува сите нејзини напори да го визуелизира својот став во однос на наметнатите улоги утврдени по пол што ни ги пласира угнетувачкото општество. Во нејзините експресивни апстрактни дела се чувствува нејзината женственост што толку силно ја манифестира, но истовремено ја афирмира на еден сосем поинаков начин. Тоа не е женственост што неизбежно е суптилна, мека и нежна, туку е женственост која експлодира од страст и болка, женственост што создава движечка енергија и што побудува не само силни емоции, туку повикува на изразување на сопствен став.
Дороти Пачкова на невообичаен начин успева да ги спои неколку важни моменти од општествената стварност и да создаде дела во кои бурно се преплетуваат женственоста со целата нејзина суштественост-мајчинството, заедно со борбата за човекови права и против секаков вид на дискриминација што реално ја практикува преку сопствен личен ангажман, и апстрактното сликарство што самото по себе подразбира акција, не само на духовен план, туку и физички, бидејќи Пачкова во многу ситуации се носи себеси во состојба на акција, на реален ангажман, дури и тогаш кога создава апстрактно сликарство.
Заменувајќи го терминот ретроспективно со ретроактивно таа себеси се квалификува како уметник што има влијание врз некое прашање што веќе се случило, односно се ангажира тоа нешто да се врати, па така создава еден наратив на активно, а не пасивно враќање. Дороти Пачкова верува дека преку промена на естетското може да се промени и колективното духовно, а со тоа и човекот и општеството. Нејзиниот општествен ангажман е резултат на нејзиниот став дека уметноста не е автономна, туку е резултат на етички и политички став и дека не треба да се создава уметност доколку таа не е резултат на нешто што сте го почувствувале на своја кожа.“
Билјана Исијанин-историчарка на уметност, авторка
„Појавата на визуелна уметничка од форматот на Дороти Пачкова на македонската ликовна сцена претставува едно освежување во поглед на оригиналниот пристап, изборот на теми за обработка, но, пред се, начинот на обраќањето кон пошироката публика којшто е несвојствен за овие простори. Отворањето на егзистенцијални дискурси цо силен акцент на перманентната ангажираност на уметникот, разбран како дежурен аналитичар и коректор на состојбите во општеството, дава едно сосема поинакво светло на уметничкото делување. Видено од ракурсот на Дороти Пачкова, акционото дејство и во сликарството и во животот му даваат една сосема нова улога на уметникот којшто треба да излегува се повеќе од ателјето на улицата и здружен цо другите уметници но и цо граѓаните да изрази став и да учествува во креирањето на својата иднина. Користејќи ги визуелните уметности како силно оружје за директно влијание, Дороти и нејзините истомисленици се во можност да иницираат промени во системот но и промени на индивидуално ниво – неопходна претпоставка за сеопшт развој и прогрес. Оттука и признание за нејзината досегашна активност и на полето на уметноста и на полето на граѓанскиот активизам цо надеж дека ова “ретроактивно – ретроспективно “ издание ќе инспирира млади уметници.“
Роберт Цветковски, историчар на уметноста
РЕТРОСПЕКТИВ – РЕТРОАКТИВ
Во галеријата ќе бидат изложени триесетина дела, акрилици, комбинирани техники и фотопринтови во најразлични формати.
Изложбата ќе биде поставена во НУЦК Трајко Прокопиев – Куманово, до 09 Ноември 2021 година и сите заинтересирани ќе можат да ја видат, во работните часови на галеријата.
Дороти Пачкова,родена 1985 година во Скопје, со завршено средно уметничко училиште, Ликовна Академија и Магистратура од Хуманистички науки, оддел Родови науки, како трансдисциплинарна не само авторка туку и многуидентитетна, многуслојна личност, џендер специјалистка, претседателка во Една може!, препознатлива по непокорот во однос на обесправувањето на самохраните мајки и нивните дечиња и главна „трабелшутерка“ во разрешување на дискриминацијата во земјава.
За себе сака да истакне дека е “вонпартиска активистка”, која верува во хуман дизајн на современи општества и затоа се залага за инклузивна заедница и еднакви можности за самоодржливост и слободни избори на девојките и жените, преку активен придонес на самите граѓани/ки, а посебно на независните експерти кои имаат живо искуство во областите во кои дејствуваат, надвор од традиционалните бинарни обединувачки форми.“
Работи како менаџерка на најразлични проекти, методолошки поставува тренинзи и обуки за кросдисциплинарни области, како феминистички науки, родова еднаквост, култура и род, женско зајакнување, самозајакнување, економска слобода, социјално претприемништво, женско претприемништво, емпатичен маркетинг и уметност и креативност низ различни области во животот.
И покрај сите ангажмани, никогаш не престанува да создава, зошто тоа е нејзниот начин да биде сама со себе, да акумулира енергија, да се самофилтрира и преобмислува.