Според најавата на Филип Фидановски, новиот претседател на ликовната асоцијација, на вчерашната прес-конференција, овој месец ДЛУМ ќе реализира две изложби во изложбениот простор на МКЦ.
„Изложбата ‘Современа скулптура’, што ќе се отвори на 10 април, во 20 часот, во МКЦ, се реобновува. Пред многу децении, оваа изложба ДЛУМ ја реализирал како ‘Современа македонска скулптура’, за подоцна таа да се преименува во ‘Ситна пластика’, за во 80-те да згасне. Пред неколку години, претходното раководство на ДЛУМ ја востанови изложбата, а ние како раководство само ја наследивме “, рече Фидановски кој посочи дека на изложбата ќе учествуваат 24 автори со 30 дела и плус едно дело на академик Боро Митриќески. Како што посочи Фидановски, покровител на изложбата е семејството на познатиот македонски вајар Боро Митриќески кои ја доделуваат и наградата за скулптура во рамки на изложбата. Станува збор за парична награда за која средствата ги обезбедува семејството на Митриќески. На изложбата ќе бидат претставени актуелни автори, но ќе бидат застапени и неколку повозрасни автори кои се поканети да учествуваат, како Илија Аџиевски, Васил Василев…
Втората изложба – Поместени граници, ќе се отвори на 22 април, исто така во МКЦ, а нејзин куратор е Александра Вилиќ. „Насловот на изложбата ова година ќе биде ‘Молк за…’, а идејата беше на изложбата да бидат собрани автори кои се занимаваат со концептуална уметност и имаат желба, храброст и надеж дека нешто ќе се смени во општеството“, рече Вилиќ посочувајќи дека на изложбата ќе бидат поместени 7 дела од 8 автори, меѓу кои и инсталации и перформанс, а молкот се однесува на молкот во општеството.
„Една од новините во ДЛУМ е дека друштвото почна да се отвора, и за други уметници, кои не се членови на ликовната асоцијација, но и за странски уметници“, додаде Фидановски.
Останува нејаснотијата но и предизвикот, како ДЛУМ која е една од најстарите асоцијации, со 73 години постоење на ликовната сцена во Македонија, сеуште нема сопствен галериски простор. И додека очекуваме да се реши овој проблем, свесни сме дека ДЛУМ сега се соочува и со најосновните проблеми, кои произлегоа од годинешната распределба на средствата за култура а во кои оваа асоцијација доби минимални, незначителни средства кои можат да ги употребат само за некој каталог а далеку се од потребните да се реализираат изложби и други активности што е основата за над седумдецениското постоење на оваа ликовна асоцијација.