Историски факти: Битката кај Готен 1903

Пред точно 121 години (18 април 1903), на планината Готен, се одвива најголемата битка пред Илинденското востание помеѓу неколку комитски чети и Аскерот. Меѓу народот битката е позната како „Готенската битка“, „Крвавиот велигден“ или „Готенско муарабе“.
По решението во Солун да се крене востание, Турската империја ги засилува активностите за уништување на комитските чети и собирањето на оружјето.
-За страшната битка народот од Малеш посветил и оро со зурли и тапани познато како „Готенското муарабе“ кое што се игра и ден денес, ни открива поетот Јован Мазгански, по потекло од Владимирово.
Тој во својата книга “Готенско муарабе 1903” открива:
-Битката на планината Готен на ден Велигден 1903 година е најголемата битка помеѓу комитските чети и аскерот, во предвечерието на големото Илинденско востание.
За жал, Битката е малку промовирана во Македонската историја од тој период. Нешто повеќе за настаните сврзани со Битката може да се најдат во Бугарски извори кои што се издадени и/или се објавени преку Интернет. Одредени, парцијални извори се наоѓаат во неколку книги од автори што потекнуваат од Малешево, каде делумно се опишани настанатите од кажувања на учесници или сведоци на настаните, како и лица што живееле во тоа време и кои ги слушале прераскажаните настани.
Се чини дека, најцелосни описи на настанатите можат да се сретнат во Спомените од Христо Чернопеев, познат војвода од тој период.
Во „Спомени – Христо Чернопеев“ настанот на Готен 1903. го изнесува сосема попатно и во основа преку акциите на него и неговата чета и личните видувања, се без детални анализи на другите учесници.
Од неговите кажувања само донекаде можат да се согледаат настаните што претходеле на Битката, како и активностите на неговата чета, по завршување на Битката. Но тоа се само парцијални податоци, како тој настаните ги видел оценил лично или пак од допрени информации до него.
Одредени текстови за Битката се запишани и во: книгата од Пано Фичорски „Владимирово, село на учени луѓе“, книгата на Симеон Левенски „Комитски беседи“, книгата на Михаил Белдедовски „Малешевски малеења“, како и книгата на Александар Радевски
„Робово, село малешевско“.
Авторите на споментите книги немале за цел да ја осветлат само Готенската битка од сите – историски и воено стратешки аспекти, туку во рамките на своите трудови, Готенската битка ја разгледуваат како настан што се прераскажува, т.е, настани прераскажани од сведок на настанот.
Никаде нема комплетно историско проучување, во кое настанот ќе се опиша историски покомлексно, со извори на двете или трите страни во Битката. Кога велам трите, мислам на: Комитските чети на централистите, комитската чета на врховистите, што исто така земала учесто на страната на централистите, но и редовната империјална војска, која имала за цел уништување на комитските чети во Македонија.
Сепак, наведените извори и изворите од поедините активности или биографии на војводите учесници, може да се оценат повеќе елементи од тој историски настан. Свесни сме дека секое поединечно кажување има елементи на лично видување или поточно допрени информации на учесници од други чети. Времињата, условите и целите не биле такви, за да се организира макар мал состанок на челниците по Битката, за да се направат анализи на позитивните и негативни акции и активности, а во функција на оценки за понатамошните делувања на учесниците. Имајки ја во вид положбата, единствено турската војска имала таа можност, но за жал досега не се најдени такви извори, т.е. авторот на овие редови ги нема сретнато…

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.