Архивата на Охридско лето предадена на Охридски архив

5

Охрид 19.06.2024

Архивската документација на НУ Охридско лето, значајна за зачувувањето на документарното богато наследство, за првпат ќе биде предадена во Охридскиот Архив.

Согласно Меморандумот за соработка помеѓи НУ „Охридско лето“ и Државниот Архив како и  м еѓусебниот договор помеѓу двете институции, архивската документација на НУ „Охридско лето“, од нејзиното создавање до денес, беше во целосна процедура на средување и обработка.

Тимот на Охридскиот Архив низ неколку месечни активности успеа во целост да ги изврши архивските процедури со што дел од трајната документација во законските рамки ќе биде предадена на трајно чување во Архивот- Охрид.

„Свесни за значењето на богатата историја на „Охридско лето“ пристапивме кон еден, за нас голем чекор, со кој трајно ќе ги сочуваме сведоштвата на сѐ она што генерации пред нас макотрпно го создавале. Сакаме да оставиме неизбришлив траг за идните генерации градејќи цврсти темели со кои Фестивалот „Охридско лето“ создава вековна отвореност кон културите и размената на светските добра. Посакувам и верувам дека нашата соработка ќе продолжи и следните години со што заедно ќе ја градиме богатата културна традиција на „Охридско лето“, вели директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Поповиќ изрази огромна благодарност за поддршката што ја дава Охридскиот Архив која, како што вели таа, дава уште поголем мотив да се негува уметноста но и да се гради патот кон

поголем културен развој.

Културното пишано богатство наманифестацијата „Охридско лето“ претставува ризница од која можеме да црпиме културен благодет, велат од Архивот во Охрид.

„Архивот ќе се погрижи преку преземањето на средената документација во целост да се чува

во соодветни услови и да се презентира пред поширокиот аудиториум во научни цели.

Знаејќи го значењето на документацијата, исто така, пред нас постои цел за целосно дигитализирање на истата , впрочем како што Архивот направи со документацијата од

„Струшки вечери на поезијата”, вели раководителот на Подрачното одделение на Државниот Архив во Охрид, Никола Митровиќ-Бабе.

Тој изрази благодарност до сите вработени во Архивот и НУ „Охридско лето“ што несебично и сложно работеа кон средување на целокупната документација.

„Се разбира и огромна благодарност за директорката Наташа Поповиќ која покажа интерес за  важноста на документацијата од институцијата со која раководи“, вели раководителот Митровиќ- Бабе.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.