Конкурсот за Град на културата за 2024 година

Министерството за култура го објави Конкурсот за финансирање проект од национален интерес, манифестација „Град на културата во 2024 година“.
На Конкурсот, чија цел е создавање услови за рамномерен културен развој, достапност на културните вредности за граѓаните, како и заживување на културата на локално ниво, може да учествуваат општините во Република Северна Македонија, со исклучок на Град Скопје, и општините во Градот Скопје.
Пријавувањето се врши со електронско аплицирање на Националниот портал за е-услуги: https://uslugi.gov.mk, почнувајќи од 29.11.2023 г. во 8:00 часот, заклучно со 29.12.2023 г. во 23:55 часот. Техничките упатства и поддршката при регистрирањето и процесот на аплицирање, корисниците ќе може да ги најдат на веб-страницата https://uslugi.gov.mk/frequently-asked-questions.nspx), како и преку контакт-центарот на Националниот портал за е-услуги.
Еден од приоритетите на Министерството за култура е унапредувањето и достапноста на македонската култура, а со проектот „Град на културата“ се зајакнуваат културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво, а соработката со локалната самоуправа придонесува за економски и туристички поттик на општините низ државава.
„Град на културата“ во 2023 година беше Крушево, чија комплексна и содржајна програма се одвиваше под мотото „Крушево – жив споменик на културата“. Општина Крушево, во годината кога се одбележа и 120 години од Илинденското востание, пулсираше во ритамот на македонската култура и го промовираше македонскиот идентитет и посебност.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.