Министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска денеска ги најави градежните активности за реконструкција и адаптација на Универзалната сала, откако Министерството за култура со Договор ги презеде правата од Град Скопје.
–Ние знаеме што значи развојот на културата, а тој не е можен без овој мултифункционален објект. Оваа сала припаѓа на сите- на уметниците, на културните дејци и, пред сè, на публиката. Затоа наша мисија во следните три години ќе биде овој простор да се уреди како што му прилега на Скопје- рече министерката за култура.
Костадиновска- Стојчевска го најави започнувањето на работите на, како што рече, симболот на Скопје – Универзалната сала, и додаде дека Министерството за култура е подготвено во следните три години непречено да го реализира проектот, за што се обезбедени средства и комплетна документација.
– Мотивирани токму од значењето на Универзалната сала, како и од молкот и инертноста на Град Скопје, Владата и Министерството за култура одлучија да ги преземат надлежностите за конечно да пристапиме кон реконструкција без застој и да го оспособиме објектот повторно да биде функционален- вели министерката за култура, потенцирајќи го емотивното значење на Универзалната сала.
– Чест ми е, но и голема одговорност, целиот процес на реконструкција да се одвива професионално, стручно и посветено, онака како што ние настојуваме да ја промовираме културата. Тоа го покажавме во изминатите години и ќе продолжиме така и во иднина. Граѓаните не смееме да ги оставиме без својот дом- Универзалната сала- рече Костадиновска- Стојчевска.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерката за култура рече дека со преземање на обврските, објектот на Универзалната сала треба да биде готов за три години и потоа ќе биде вратен под ингеренции на Град Скопје, како што е и договорено.
– Обезбедени се финансиските средства, пред една недела се распиша и јавната набавка за надзорот за Втората фаза преку меѓународен тендер, што значи и тоа кога ќе заврши, ќе се продолжи со работа. Значи три години е повеќе од доволно за да биде готов објектот и да го вратиме на Град Скопје, за повторно да биде под нивна ингеренција- рече Костадиновска-Стојчевска.
На настанот присуствуваа и Билјана Блажевска, управителка на фирмата изведувач „Универзал- Балкан“; Бујар Муча, проектант од „Мегарон инженеринг“; Љубин Макаровски, надзорен инженер од ЕОС Е.Е.; како и Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ и поранешен претседател на Владата на Република Северна Македонија. Присутните објаснија дека се гради по безбеден и ревидиран проект, и дека Првата фаза ќе биде завршена најдоцна до крајот на летото, по што непречено ќе продолжи Втората фаза, до конечното завршување и предавање на функционалниот објект повторно на Град Скопје.
Изјавата на министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска е на следниот линк: https://youtu.be/I0cIiL3TzLg
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.