Во тој контекст, Стефоска на прес-конференцијата изрази задоволство што на Годишниот конкурс, кој за првпат се реализираше преку електронска апликација, се пристигнати 3 800 пријави, кои автоматски добија и архивски број. Таа потсети и дека за електронската апликација беа одржани обуки во повеќе градови, беше изработено видеоупатство, беа отворени телефони за консултација и за техничка поддршка, како и електронски адреси за прашања од корисниците во секоја дејност, а беше продолжен и рокот за аплицирање на 39 дена. Сепак, по административната проверка на доставената документација, службите констатирале дека голем број од пријавите се пополнети со нецелосно исполнети барања од Конкурсот. Од тие причини, а во интерес на корисниците, Министерството одлучи да даде дополнителен рок од уште 15 дена.
– Во интерес на корисниците, Министерството одлучи да даде дополнителен рок од уште 15 дена (во согласност со член 39 од Законот за општата управна постапка). Корисниците што ќе добијат е-пошта, ќе можат да ги докомплетираат пријавите. Фактот што речиси 2/3 од стасаните пријави во старт се нецелосни, што веројатно се должи на небрежноста на апликантите, нѐ наведе на овој чекор. Не смееме да го осиромашиме квалитетот, а конкуренцијата да ја сведеме на минимум. Исто така, при административна проверка на пријавите е утврденo системско преклопување при прикачувањето на дел од пријавите во издавачката дејност. Се работи за мал број пријави, 93, и од тие причини секој апликант ќе биде контактиран и известен кој податок ќе треба да го достави во дополнителниот рок. Ова не подразбира нова пријава туку само дополнување на веќе доставените пријави што имаат архивски број. Од утре, 2 декември, до 16 декември е рокот за дополнување на пријавите – рече Стефоска.
За таа цел, повторно ќе бидат отворени дежурни телефони преку кои вработените во Министерството за култура ќе бидат во контакт со корисниците. Стефоска смета дека со електронската апликација е направен огромен исчекор во градење на системот, а фактот што се овозможува дополнителен рок за пријавување, значи дека резултатите од Конкурсот ќе бидат објавени, наместо до 20 јануари, најдоцна до половината на февруари следната година.
На прес-конференцијата министерката Стефоска информираше дека во фокусот на буџетот за следната година се и капиталните инвестиции и санации во културата во висина од близу 10 милиони евра, средства наменети за:
– втората фаза од изградбата на Турскиот театар во Скопје,
– реализација на следната фаза од изградбата на Театар и библиотека во Тетово,
– завршни работи на Театарот во Струмица,
– втората фаза од реконструкцијата на Театарот во Куманово,
– втората фаза од реконструкцијата на Центарот за култура во Кочани,
– втората фаза од реконструкцијата на Центарот за култура во Гостивар,
– реконструкција и санација на покривот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, како и за други проекти што ќе бидат одобрени во Годишната програма од областа на инвестициите за 2022 година наменети за објектите во кои се сместени културните установи.
Исто така, министерката за култура на прес-конференцијата потврди дека заштитата на културното наследство и натаму останува врвен приоритет на Министерството за култура, а во фокусот за следната година остануваат и зајакнувањето на ЕУ-интеграциите во културата и грижата кон младите уметници.
– Буџетот на Министерството и на Управата за заштита на културното наследство е близу 194 милиони денари, или 3 милиони и 200 илјади евра. За програмата Културно наследство во опасност, што ја поставивме за првпат во буџетот за оваа година, останува истата висина на средствата – 12 милиони денари. Приоритет и натаму е како материјалното така и нематеријалното културно наследство, а за блок-дотациите кон општините се предвидени речиси 6 милиони евра – истакна министерката за култура.
Културата во вкупниот буџет на државата учествува со 1,49 %, што, според Стефоска, не е доволно, но е одговорно однесување кон народните пари во време на здравствена и на економска криза.