Скопје, 12. 04. 2024
По повод верскиот празник Рамазан Бајрам вчера се одржа свечено чествување во скопската гимназија “Зеф Љуш Марку”, каде директорот Арбен Мехмети и наставничкиот колегиум ги пречекаа градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и директорот од СУГС “Орце Николов”, Митко Димовски и проф.д-р. Митко Панов- в.д. директор на Институтот за национална историја.
По топлото добредојдовте од страна на директорот Мехмети, посакано на албански и на македонски јазик, се обрати и градоначалничката на Град Скопје, Арсовска, која порача дека празниците треба што повеќе да ги почитуваме и славиме заеднички, без оглед на етничката припадност, и дека по примерот на другите развиени земји кај граѓаните да преовладува животен концепт во кој најважно за празниците ќе биде што повеќе да се однесе дома на трпезата, за своите, за блиските, отколку да се зборува за поделби и политика.
Свечената средба со својата реч, во улога на модератор, ја водеше професорот Насер Мифтари, ментор на низа активности и проекти и во својство на амбасадор на мирот – “UPF” , а кандидатот за Нобелова награда за мир, уметникот Живко Поповски Цветин во својата беседа потсети на писмото кое го добил од Мајка Тереза пред четириесет години, потсети на нејзините хумани пораки, а копија од писмото и картичка му подари на директорот на гимназијата, Мехмети.
Присутните се заблажија со вкусна домашна баклава, нешто што е најголема традиција низ целиот свет, за муслиманскиот празник Бајрам, а со тоа, освен празничниот карактер, овој настан имаше за цел да потсети на меѓу- училишната соработка во сите полиња на воспитно- образовниот систем, со посебен осврт во полето на инклузивност, интеркултурализам и социјална кохезија, преовладувајќи пораката “Со баклава, за поквалитетно учење и подобар живот…!”
Валентина Ѓоргиевска Парго