Скопје, 1 Април 2022
Во просториите на Фондацијата Никола Кљусев во Скопје, неодамна се одржа конференција “Учење преку пракса” на која се претставија резултатите од проектот “Создавање на деловни партнерства помеѓу стручните училишта и компаниите”.
Проектот “Создавање на деловни партнерства помеѓу стручните училишта и компаниите” има за цел да ги доближи компаниите до учениците во средните стручни училишта со што дуалниот систем на образование би се претставил на учениците од Македонија, по примерот на земјите од западна Европа. Како една од активностите на овој проект беше и организираната пракса од страна на Фондацијата „Никола Кљусев“ на учениците од средните стручни училишта. Четири стручни училишта од Скопје беа
избрани да земат учество во оваа активност: СЕПУГС “Васил Антевски-Дрен”, СЕТУ “Михајло Пупин”, СГГУ “Здравко Цветковски” и СУГС “Кочо Рацин”. Ученици од овие училишта посетуваа пракса во компании во зависност од образовниот профил кој
го учат, и тоа во адвокатски друштва, Македонски Телеком, Триглав осигурување, Бролинс, геодетско биро, текстилна фабрика итн.
Главиот производ на овој проект е on-line платформата (www.platformforjobs.com) каде учениците и компаниите ќе можат да регистрираат свој профил и да бараат/нудат пракса во својата област. Намената на овој проект е олеснување на создавањето конекции помеѓу професори од средни стручни училишта како и менаџери на компании кои се заинтересирани за воведување на дуалниот систем на образование во Македонија, со што на учениците би им го олесниле патот за пронаоѓање пракса во компании, а и компаниите би можеле полесно да најдат и обучат идни работници.
Проектот е дел од Еразмус+ програмата, кој Фондацијата “Никола Кљусев” го
реализираше во текот на 2020, 2021 и 2022 година заедно со партнерски организации од Грција, Турција, Бугарија, Холандија и Германија.