Во рамките на чествувањето на 13. Ноември, денот на Град Скопје, на 13 декември 2024 година во Музеј на Град Скопје се одржа приредба од страна на ученици од скопското училиште С.Е.П.У.Г.С “Васил Антевски- Дрен”, а во координација на Маргарита Плевнеш Петкоска, едукатор од Музејот.
Програмата се одвиваше во главната сала во која од страна на талентирани ученички и ученици, облечени во народни носии, беше изведена интересна “Кратка претстава за македонските обичаи и традиции”, а се прочитаа и есеи од талентирани млади автори.
Учесници во програмата беа Елена Алулоска, Јана Георгиевска, Лео Антониевски, Елена Златевска, Ѓурѓина Милошевска, Марија Стојановска, Христина Дамчевска и Теодора Златковска.
Настанот го проследија ученици од ООУ “Гоце Делчев”, а воедно и ја посетија изложбата на фотографии и цртежи од старо и ново Скопје, што ја изработија учениците од средно уметничко училиште ДСУЛУД “Лазар Личеноски” во рамките на работилниците кои ги имаа во Музејот, како и новогодишната елка украсена со еколошки рециклирани материјали, изработени од учениците од ОУ “Кузман Јосифоски Питу”.
ТРИ ПРЕКРАСНИ ЕСЕИ ЗА СКОПЈЕ:
Есеите на тема ,,Скопје мојот град’’ ги изработија Александар Петрушевски, Викторија Колевска, Ѓурѓина Милошевска, под менторство на проф.Христина Вељановска- Поњавиќ од С.Е.П.У.Г.С ,,Васил Антевски- Дрен’’.
***
Скопје- мојот град
(Ѓурѓина Милошевска)
Постојат безброј градови во светот. И мали и големи. А, сите ние на некој свој начин сме вљубени во некој град. Секој од нас си го има својот град во срцето, за кого чувствува бесконечна љубов и каде одново се раѓа. За мене тој град е Скопје- мојот град, каде се чувствувам како дома, каде чувствувам топлина и во најстудените денови од зимата. Никој друг град, во ниту една друга држава, не може да го замени моето Скопје!
Иако со зборови не се опишува љубовта која ја чувствувам кон него, сепак ќе се потрудам да ви доловам зошто го сакам. Покрај тоа што тука сум родена, Скопје го сакам бидејќи тој во мене живее. Неговата стара архитектура и градба, стариот Камени Мост и Скопската чаршија се одлика за историјата на овој град. А, толку многу историја, тага и толку многу паднати борци за негова слобода лежат во него. Во него лежат и жртвите од катастрофалниот земјотрес, за кој баба ми ми раскажува секогаш со солзи во очите. Од едната страна она, а од другата страна татко ми кој секогаш со грутка во грлото зборува за болната 2001 година. Толку многу историја, толку многу жртви носи на плеќи, што никогаш не смееме да ги заборавиме. И треба да сме горди поради тоа што потекнуваме од Скопје, бидејќи толку земјотреси, поплави, војни и битки го рушеле, но залудно… Оти Скопје повторно се изградил и Скопје ќе живее. Кога минувам на плоштадот „Македонија“ и го гледам Милениумскиот Крст на Водно, кој е петти по големина најголем крст во светот, чувствувам огромна топлина и мир во срцето. Кога шетам на кејот, покрај реката Вардар, која го дели на два дела нашиот град, често размислувам на тоа дека Вардар и не е само обична река. Вардар е клубот на градот, одлика на Скопје и негова гордост. На Градскиот стадион многу генерации израснале, бодрејќи го светиот клуб и црвено- црните бои, бодрејќи го и најмакедонското нешто кое остана во Скопје и во Македонија. Во Скопје имам многу љубови, во Скопје ја сретнав и мојата љубов.
Но, најголема љубов би му искажале доколку го чуваме, не го загадуваме и се грижиме за него. Оти Скопје не е само обичен град. Скопје е престолнина на Македонија. Скопје е љубов која допрва треба да се пишува и љубов на нашите предци која треба да ја продолжуваме и на нашите потомци!
***
Скопје- мојот град
(Александар Петрушевски)
За секој човек најубавото место на светот е местото каде што се родил. Родното место го сакаме најмногу бидејќи таму сме ги поминале најубавите мигови од животот и сите убави спомени не потсетуваат на родниот град. Можеме да ги посетиме најубавите места на овој свет и да патуваме насекаде, но сепак секогаш ќе се враќаме таму каде што ни е најубаво, а тоа е родното место.
Го сакам Скопје затоа што се нарекува ,,град на солидарноста”. Затоа што ниту еден земјотрес, поплава или војна не успеале да го уништат и срушат. Затоа што секогаш и покрај сѐ, Скопје успева да опстане и да постои. Уживам во прошетките со пријателите по скопските улици, го сакам мирисот на есента и секоја нова прошетка низ Скопје е ново и убаво искуство за мене. Секоја стара скопска градба раскажува своја уникатна приказна, а секој миг поминат во родниот град е најубавиот миг во животот. И на крај- го сакам Скопје затоа што тоа е мојот дом. Домот во кој се родив, израснав и ги доживеав најубавите мигови од мојот живот.
Сите градови имаат своја убавина, но Скопје е најубавиот град затоа што ме потсетува дека каде и да одам, родниот крај е незаменлив. Иако Скопје секојдневно се менува, јас го сакам најмногу затоа што мојот роден град го заслужува тоа. Му должиме на Скопје да го чуваме и да се грижиме за него.
***
Скопје- мојот град
(Викторија Колевска)
Скопје е мојот град, место полно со историја, култура и динамичен живот. Градот кој за старите скопјани е единствен и уникатен, скромен град, со голема душа. Скопје како град со ретро стил останал во минатото, во спомените од земјотресот, кој оставил длабоки рани во срцата на граѓаните, но овозможил урбан развој на градот. Старото Скопје буди носталгија кај постарите генерации, но во мене буди чувство на топлина, секој агол, споменик и простор во кој шетам имаат своја важност.
Кога ги гледам старите слики од нашето Скопје, размислувам каков бил животот тогаш, како се живеело? Размислувам колку и зошто го сакам Скопје. Заклучив дека го сакам поради безброј причини.
Го сакам, бидејќи секојдневно уживам во него. Уживам во кафето со пријателите, посебно уживам во убавините на старата скопска чаршија која е прекрасно место за прошетка, и буди спомени од старото Скопје. Уживам во прошетката во градскиот парк и мирисот на пролетта кога доаѓа. Уживам кога се шетам низ Плоштадот и слушам музика од уличните уметници. Уживам на Матка и на прекрасниот поглед на езерото Козјак. Уживам во прошетката на Водно и панорамата на градот. Го сакам градот и секојдневно уживам во неговите убавини. Скопје не е само збир на згради,куќи и улици. Скопје е и град на луѓето. Луѓето на Скопје се неговата душа. Нема ништо поубаво од топла летна вечер во центарот на градот,кога кафе- баровите се полни со луѓе кои разговараат, се смеат и уживаат, и тоа е она што ме прави среќна. Во Скопје секогаш има некој кој ќе ти се насмевне и понуди помош.
Без разлика на сите негови недостатоци, Скопје е град кој живее и се развива со луѓето во него. За мене Скопје е повеќе од мојот роден град- тој е мојот дом,мојот корен и место во кое се чувствувам сигурно, тоа е мојот живот.
Фотографии: Андреј Стојков