Годишна изложба на основните училишта „Беди и јас“ во Чифте амам

Отворање 19.11.2024, 13 часот

Динамичното време во кое живееме сè повеќе бара поврзување на теоријата што се учи со праксата, за знаењата да бидат лесно прифатени и како такви – трајни. Така, ако сакаме да ги образуваме најмладите во ликовната област, праксата треба да се поврзува со теоријата низ сите сегменти од воспитно-образовниот процес. Учеството во креативните работилници е одлична можност за таков тип поврзување, а сето тоа да биде забавно за децата.

Крајниот резултат е секогаш среќни и задоволни деца, деца што имаат научено нова вештина. На таков начин тие се образуваат за уметноста и за уметникот воопшто.

Годишната изложба на основните училишта со години наназад го има ваквиот пристап на учење, при што учениците се директно вклучени во креативниот процес. Учиме за нашите најголеми македонски автори. По што се познати? Која е нивната автентичност?

Творештвото на Ибрахим Беди беше одлична можност и нов предизвик за учениците. Во рамките на проектот, учениците имаа можност да го запознаат авторот лично да поминат повеќе време заедно. Беа организирани и работилници кои беа под менторство и во соработка со тимот едукатори, визуелни уметници како и музичари од универзитетот Фонтис од Холандија и Maaike Fekkes.

Децата помнат многу за она што го доживуваат во детството и тоа влијае во голема мера врз односот кон себе и кон другите. Посетата на галеријата и создавањето уметност е едно од таквите сеќавања. Убаво е чувството кога знаеме дека креираме весели спомени за нив.

Училишта кои зедоа учество: ОУ Никола Вапцаров, ОУ Лазо Ангеловски, ОУ Ј.Х. Песталоци, ОУ Кочо Рацин, ОУ Панајот Гиновски, ОУ 26 Јули, ОУ Ѓорѓија Пулевски, ОУ Киро Глигоров, ОУ Невена Георгиева Дуња, ОУ Кирил и Методиј, сите од Скопје.

Изложбата ќе биде поставена до 21.11.2024.

Едукатор, Маја Димитрова.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.