Спуштени се завесите на 40. издание на славниот Скопски џез фестивал, за кој додека траеше објавивме текстови под следниве наслови “Џезот- на џезерите!”, ” Втора вечер, џез, џез, џез…”, “Џез хипноза и џез журка!”, “Довидување џезери, вратете се пак!”, и “Две цд-промоции и доделување награда за најдобар македонски џез музичар на 40. Скопскиот џез фестивал” и сега завршниот “Џезирање, за паметење!”.
Доволни се насловите да објаснат какво беше ова издание на фестивалот, јубилејно и славеничко, но според директорот Оливер Белопета славјето го заменуваме со” одбележување на јубилеј”.
Причините се сосема познати, фестивал во “олунормални” услови, затоа што ако минатата година во пандемијата бевме затекнати и фестивалот се организираше речиси со причина колку да не се изгуби континуитетот, оваа година гостите од разни меридијани се вратија на сцена, вистинската публика се врати во салата, во полн капацитет од дозволеното (две места за седење, па две празни), расположението и еланот се вратија, и остана констатацијата дека се беше “обично” на необичен начин.
Почна на 20 октомври, со настап на Матс Густафсон, заврши на 24 октомври со настап на кубанското “Роберто Фонсека Трио” (на фотографијата момент од зад сцена, доловено од Татјана Ранташа).
Со нив, и се помеѓу нив беше џезирање, во кој ги слушнавме единаесет познати изведувачки имиња од САД, Куба, Европа и Македонија, во Националната опера и балет и два концерти во Младинскиот културен центар, а видовме и два филма, за Арета Френклин и за клубот “Блу ноут”. Тука беа Линда Меј Хан О, ем-си Мур Мадер, Дуду Којате, Јакоб Бро, Л.У.М.Е., Тања Јанули, Шејк Сту, Кристер Ботен, “НУ мјусик 4”,, Горан Кајфеш, и Окај Темиз, како и проширениот ансамбл на нашиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов.
За атмосферата и амбиентот до следниот фестивал, ни останува да ги погледнеме прекрасните фотографии од официјалната фејсбук страница на фестивалот.
Следува Оффест 9-13 ноември, џез, ворлд музика и разни други жанрови.
Валентина Ѓоргиевска Парго
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.