13.02.2024
Незаборавните хитови на легендарниот Јанко Узунов ја исполнија салата на хуманитарниот дом „Даре Џамбаз” во Скопје, на концертот „Јанко во срце те носиме”, што се одржа во неделата на 11 февруари, на десетгодишнината од неговото заминување во вечноста, а во пресрет на денот на неговиот роденден, 15 февруари.
Публиката слушна грст евергрини со гласот на неговата сопруга Жаклина, и музичките гости, придружени од гитарите на неколку талентирани малешевски деца и тинејџери и сајзерот на Бранко Коловски.
Жаклина додели благодарници на некои негови верни соработници како на “Распеани Валандовчани”, фолк пејачот Ванчо Тарабунов, но и на Горан Симевски и валандовската група “Уни бенд” кои и запеаја, на тв водителката Катерина Стојановска- Десковска, на неколку радио новинари како и на Валентина Ѓоргиевска Парго, овој пат како на авторка на книгата за маестро Узунов, “ТОЈ!…сиот беше музика”.
Благодарност изрази до Сузана Тунева, првото лице на Црвен Крст на Град Скопје за 25 годишната соработка, до „Промовенс продукција“ и „БИС Саунд“ од Берово, до Емилија Џамбаска- Буровска од Црвен Крст- Берово затоа што на овој музички настан во соработка се собираа пари за домот за децата без родителска грижа од Берово, а посебно и до градоначалникот Звонко Пекевски кој пријатно изненади со своето присуство на концертот.
Настапија и Александра и Марија од “Бона деа”, Илија Цикарски, и други пејачи, а атмосферата на крај ја загреаја веселиот Раде Рогожаров во свој стил, симнувајќи се од бина меѓу публиката, потоа и “Вардарски петли” изведувајќи го големиот валандовски хумористичен хит “Чаки Панкерот” во авторство на Јанко Узунов.
За крај на вечерта неговата тригодишна внука Јанка во рацете на Жаклина, за прв пат ја видовме на сцена, додека се пееше песната “Македонче соколе”, и да претпоставиме дека тоа веќе беше прв чекор по стапките на својот славен дедо.