Овој четврток, во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Омаж на маестро Александар Џамбазов” во рамки на 45. издание на фестивалот „Денови на македонска музика”, посветен на големиот македонски композитор. Концертот е хуманитарен, а парите од билетите ќе бидат донирани на Асоцијацијата за детски дијабет на Македонија „Баланс-Мк”.
На концертниот омаж публиката ќе може да проследи дела од неговиот симфониски опус – „Седумте танцови варијации” со Елена Атанасовска-Ивановска како солист на пијано и „Рапсодија за Скопје” со Иво Настевски како солист на пијано, потоа дела од опусот на маестро Џамбазов напишани за ревиски оркестар – „Реминисценија”, „Балада за Шпато” и др., како и избор од многубројните песни за вокал и ревиски оркестар, меѓу кои се неповторливите „Довидување”, „Само ти” и др., во изведба на Тамара Тодевска, Никола Перевски-Пере, Александар Тарабунов и Антониа Гиговска, под диригентската палка на Џијан Емин.
Со овој концерт оркестарот на Филхармонија, СОКОМ и пејачите кои ќе настапат на сцена ќе му оддадат признание и почит на македонскиот композитор и диригент – Александар Џамбазов, кој зад себе остави непроценлив музички опус.
Творештвото на Александар Џамбазов (1936-1922) главно ротира околу формата на популарните жанрови. Повеќе од 40 години композициите на Џамбазов беа неодминлив дел на најпознатите македонски фестивали и фестивалите во поранешна Југославија. Одличната професионална подготовка стекната низ школувањето во Скопје и Белград и природната дарба му овозможија да остави голем број мелодии од кои некои се вбројуваат во евергрините на македонската популарна песна. Особено е значајно и неговото творештво на полето на детската песна. Во првите петнаесетина години од постоењето на „Златно славејче”, неговиот авторски придонес во програмата овозможи фестивалот да прерасне во еден од најважните фактори во музичкото воспитување и образование на најмладите. Во сферата на класичната музика Џамбазов напиша неколку маркантни композиции, а неговата „Рапсодија за Скопје” за пијано и симфониски оркестар е добитник на највисоко признание на меѓународниот фестивал во Кава де Тирени – Италија.