Охридско лето – За „Бакхи краток преглед на распадот“- претстава за идентитетот на човекот

Народниот театар од Битола синоќа на „Охридско лето“  со својата маестрална актерска игра го донесе Еврипид на сцената преку театарската престава „Бакхи-Краток преглед на распадот“ извонредно режирана и адаптирана на современиот свет под палката на Игор Вук Торбица.

Директорот на Битолскиот народен театар Иван Јерчиќ вели дека голема е честа, но и задоволството да се работи со еден ваков исклучително добар режисер.

-Бакхи –краток преглед на распадот е претстава на еден од најнаградуваните режисери во регинот во моментов, Игор Вук Торбица.  Тоа се потврдува и со еден натпис што го прочитав за него дека во неговата биографија постојат повеќе награди отколку претстави што ги има изрежирано во неговата кариера. Затоа, јас и Илина Чоревска не се двоумевме да го поканиме и огромно е задоволството што тој прифати да работи во нашиот театар. Тоа на некој начин беше своевиден гарант за квалитетот на претставата и новото кон кое се стремиме ние во Битолскиот народен театар. „Охридско лето“  е еден голем, реномиран фестивал на којшто ни е задоволство да доаѓаме секоја година. Нашата идеја е секоја година да се претставуваме со што поквалитетна претстава, појаснува Јерчиќ.

Според Илина Чоревска, уметнички директор на Битолскиот народен театар и еден од актерите што игра во драмата,годинава овој театарски ансамбл на „Охридско лето“ го носи најдоброто, проект којшто, како што вели, го зближил актерскиот тим што работел на самата претстава.

-Бакхи-Краток преглед на распадот е претстава која кореспондира со светската театарска сцена  и која во секој случај провоцира и поставува прашања. Станува збор за современ пристап на еден текст од Еврипид што само мајстор како Игор Вук Торбица може да го направи актуелен како денес. Ова е претстава на македонскиот, на балканскиот, на светскиот идентитет, претстава која зборува за оттуѓеноста на луѓето, за суровоста, која на крајот ќе каже дека и системот, и боговите се мртви. Игор Вук Торбица е режисер којшто треба да гопосака секој театарски тим затоа што е исклучително интелигентен каква што е и претставата.

Ние како тим се зближивме додека ја работевме претставата. Отворивме прашања секој кај себеси и општо како театарски ансамбл бидејќи тој многу провоцира во текот на работата и мислам дека станавме поголеми пријатели, а истовремено и поголеми актери, ако можам така дасе изразам, бидејќи кога ќе осознаеш некои нови работи за себеси, тогаш отвораш и нова етапа. 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.