Над 93 милиони денари поддршка на културната програма во Битола

Министерката за култура Бисера Костадиновска– Стојчевска денеска во битолската Магаза оствари средба со корисниците на средства преку годишната Програма за поддршка на проекти од национален интерес во културата, на која вети дека Министерството за култура ќе продолжи да вложува во младите и да ги поддржува нивните иновативни идеи за афирмација на нашата култура.
„Вложувањето во културата е најдобра инвестиција, а не трошок. Ние инвестираме и се грижиме за културата и затоа ќе ја продолжиме оваа пракса, преку поддршка на проекти, да ги поттикнуваме институциите и уметниците да творат и да ги афирмираат културните вредности дома и надвор од државава“, рече во изјавата министерката Костадиновска- Стојчевска.
Таа потенцираше дека вреднувањето и моќта на културата во Битола се должи на големиот број поддржани проекти на конкурсите на Министерството за култура како и на активното и успешно работење на националните установи, но и на здруженијата и поединци од градот.
„Над 86 милиони денари се вложени само за поддршка на програмите на Националните установи во Битола, а со скоро 7 милиони денари беа поддржани другите корисници за проекти, изјави министерката Костадиновска- Стојчевска, напоменувајќи дека Министерството за култура континуирано, секоја година ја зголемува поддршката за проекти кои се од национален и државен интерес.
Костадиновска- Стојчевска се осврна и на заштитата на нашето археолошко, архивско, архитектонско богатство градено со векови наназад, за кое рече континуирано е поддржано од Министерството за култура.
„Само во 2023 година инвестиравме во заштита на културното наследство со над 11 милиони денари за одржување, реставрација, конзервација и афирмација на вредното културно богатство во црквата Св. Ѓорѓи во село Курбиново, Јени Џамија, Спомен куќата на Гоце Делчев, на Стив Наумов, како и обновувањето на спомениците на НОБ“, рече министерката за култура.
Во рамки на денешната работна посета на Битола, министерката за култура Костадиновска- Стојчевска заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, направија обиколка на капиталните инвестиции на подрачјето на СВР Битола– инвестирање во побезбедна иднина и посетија успешен корисник на ИПАРД програмата во село Кажани.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.