Изложба на Андријана А. Андреева

24.09.2024

Претстојна изложба насловена”Како горе така доле” е изложбата што ја подготвува Андријана А. Андреева и ќе биде отворена на 27.09.2024 во Дом на културата “Кочо Рацин” во Скопје.
– Јас сум автор на овој проект поддржан од Министерство за култура како проект од национален интерес во областа на визуелните уметности. За овој проект соработката со Црвен крст и нивниот Дневен центар за лица со попреченост “Пролет” беше од особено значење. Тоа ми овозможи во овој проект да ги вклучам и лицата со попреченост, а преку работилницата да вметнам иновативност во креативниот израз. Тие со нескриен ентузијазам ги изработуваат автоматските цртежи и интервенираат на моите платна. Отвораат прозорче преку кое можеме да ѕирнеме во нивниот свет. Нивните дела ме инспирираат и ме водат на патувањето во центарот на “Јас”… нивното внатрешно, несвесно. Преплетување, поврзување на два света, вели авторката.
Процесот е проткаен со непредвидливост која несомнено предизвикува посебен ефект кај уметникот а потоа и кај публиката.
– Делата, насловите кои се дел од овој проект како “Рождество”, “Страдание”, “Монумент”, “И боговите сонуваат”, “Уметност во ера на автоматизација”, зборуваат за енергијата на сакралното која го придвижува мојот дух, мојата имагинација, вели Андреева.
– Човекот со самото тоа што постои не значи дека умее да сaка. Тоа треба да се научи.
Прашањето кое ме окупира како уметник е: -дали може да се обединиме за социјални промени?! Може ли уметноста да ја инспирира публиката да ги погледне нештата од поинаков агол?!, се прашува на крај.


куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.