„Зимски МакеДокс“ завршува со проекција на „Герлах“ и дебата во „Лабораториум“

Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ ќе ја заврши серијата проекции во рамки на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“ со прикажување на документарниот филм „Герлах, последниот земјоделец“ (Холандија / 2023 / 76 мин.) и тематска дебата, што ќе се одржат на 12 декември 2024 година, со почеток во 20 часот, во едукативно- културниот центар „Лабораториум“ во Скопје.

Документарниот филм „Герлах, последниот земјоделец“ на Лук Бауман и Алиона ван дер Хорст е минатогодишен победник на ИДФА во Холандија, најзначајниот европски фестивал за документарни остварувања.

Герлах ван Бајнум е еден од последните земјоделци на мешани култури во близина на Амстердам. Опкружен од модерни зданија- дистрибутивни центри, автопатишта, мултинационални корпорации- тој, низ годишните времиња, се движи во свој ритам. Го следиме неколку години на своето поле во периферијата на Амстердам. Со помош на неговиот најдобар пријател Ринус, тој сади компири, цвекло, житарки и јагоди, кои ги продава во својата барака. Помеѓу сите овие активности, неговата куќа на фармата е и збирно место на неговите соседи и пријатели, со кои ја споделува неговата духовитост и едноставна радост.

 

Трејлер: https://youtu.be/dKAg5bUPD6k?si=ctUPFB1KkwOOOjGx

 

По проекцијата на филмот ќе се одржи дебата на која ќе бидат детектирани опасностите што капитализмот ги носи за поединецот и за планетата, како и за разните форми на отпор што можеме да ги развиваме како директни учесници во потрошувачкото општество.

Овие прашања ќе ги отвори Андријана Папиќ Манчева заедно со Кирил Шентевски (филмски снимател и активист), Александар Николовски (Урбана градина „Бостание“) и Милица Петрушевска („Зелена република“).

– Исчезнувањето на традиционалното земјоделство е најсуштинската општествена промена во втората половина на 20. век. Оттука, вистинска реткост се земјоделците како Герлах што и ден-денес се грижат за земјата и произведуваат храна. Но, околу него сè се менува. Неговата едноставна куќа, чии врати се постојано отворени за неговото семејство и пријатели, сега е опколена со бензинска станица, МекДоналдс, бројни дистрибутивни центри, мрежа од раздвижени автопати, а над неа без престан надлетуваат авиони од аеродромот „Шипхол“. Неолиберализмот има многу лица, па филмот ни ја доловува и борбата на Герлах против претставниците на општините и странските инвеститори коишто, гладни за пари, смислуваат различни начини и договорни услови за и неговото парче да го земат во име на прогресот и технолошкиот развој. Заборавајќи, притоа, како што вели Герлах, дека оваа земја произведува храна. Згора на сето тоа, неминовни и сè почести се и знаците на климатската криза, која е директен продукт на човековата безобѕирност, алчност и отцепеност од природата- последици што Герлах и тоа како ги чувствува на свој грб, заедно со ревматизмот – посочува Андријана Папиќ Манчева.

Филмската проекција и дебатата во рамки на „Зимски МакеДокс“ се поддржани од Амбасадата на Кралството Холандија во Северна Македонија.

Влезот на проекцијата и на дебатата е бесплатен за сите заинтересирани посетители.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.