24.08.2024
Со традиционалниот поетски портрет на лауреатот на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2024 година, француски поет Жан Пјер Симеон, во црквата „Света Софија“ во Охрид, продолжи 63. издание на меѓународната поетска манифестација.
Годинешниот лауреат во своето обраќање во црквата „Света Софија“ потенцираше дека поезијата мора да се сфати сериозно и да биде дел од сите сфери на живеењето.
– Страста за богатство и моќ денес го достигнува врвот на својата смртоносна логика: го уништува светот, го уништува човекот, ја уништува планетата. Верувам дека постои само едно решение: конечно сериозно да се сфатат поетите, поезијата да се стави во срцето на политичката, економската и социјалната мисла и да не се зема таа како упатство за употреба, ами како усогласеност со бескрајот на животот и со желбата за збратименост.
Секоја песна е потсетник на овој бескрај. Постојат јазици, култури, традиции, верувања, а неприкосновено, над сите нив е песната, која секогаш и секаде го преставува зборот на самиот народ, на човештвото, кое секаде и отсекогаш имало исти соништа, исти болки, исти прашања, исти желби и, и покрај сè, секогаш ја имало истата нестивната жед за животот. Поезијата е, очигледно, најуниверзалниот и најпостојан јазик на човештвото, таа е есперанто на човечката душа – рече Жан Пјер Симеон.
Лауреатот истакна дека земјава е голем негувател на пишаниот збор.
– Ако песната е срцето на животот што бие, Струга, во срцето на милениумската Европа, е срцето на поезијата што бие. И ако треба да изразам благодарност оваа вечер, тоа секако ќе биде за огромната чест што ми е направена, но, исто така и пред сè, во името на сите поети кон оние кои, во оваа природна песна од планини, шуми, езера – во Македонија, ја држат високо крената светилката на поезијата – констатираше Жан Пјер Симеон.
Претседателката на Управниот одбор, книжевната теоретичарка Елизабета Шелева во својата беседа потенцираше дека при изборот на нов лауреат годинава сите едногласно се приклониле кон името на Жан Пјер Симеон.
– Во ова турбулентно и непредвидливо време сите сме суштински гладни за автентична и нова етика, а не само поетика. Етика, проткаена со нова надеж, нова верба, на којашто, треба да се потпреме, бидејќи сѐ наоколу оддишува со закана од распад и обезвреднување, еден комплетен и конечен апсурдизам без преседан, наспроти напредокот во науката и во техниката. Никако да се смири или отстапи злокобниот Танатос, нагонот на смртта, на деструкцијата, на поништувањето на сѐ што е благородно. И токму од таа причина, при изборот на нов лауреат годинава, сите едногласно се приклонивме кон името на Жан Пјер Симеон. Поезијата на Симеон, зад себе го има благородниот контекст и драгоцената закрила на една богата поетска традиција, каква што е француската, којашто ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое трајно живее и опстојува власта на љубовта и убавината – истакна Шелева.
Македонскиот писател, драматург и дипломат, Јордан Плевнеш потенцираше дека целото поетско, театарско и есеистичко дело на Симеон е крунисано во „Света Софија“.
– Вечерва Жан Пјер Симеон, цивилизацијата на љубовта се совпаѓа со вашето бесмртно поетско дело. Вие со вашата поезија направивте интимна поетска револуција, бидејќи ги напишавте вашите книги чие ехо се шири по меридијаните, како што се „Политика на убавината“ и „Теорија на љубовта“ и во време во кое се водат крвави војни од Украина до Газа, ја напишавте бесмртната книга со наслов „Поезијата ќе го спаси светот“, а во една од вашите последни книги која не случајно ја насловивте „Станете од гробовите“, вашата уводна песна е „Поезијата треба да владее со светот!“. Сега со тој наслов „Станете од гробовите“, ги повикуваме сите бесмртни француски поети да бидат овде со вас во „Света Софија“. И Франсоа Вијон и Шарл Бодлер и Виктор Иго и Рене Шар и Анри Мишо и чудото на француската и светската поезија Артур Рембо за кого пред неколку години еден европски книжевен историчар тврди дека поминал низ Македонија на неговото последно патување без враќање! Сега вие сте блиску до неговите траги – истакна Плевнеш.
Поетскиот портрет заврши со композиции во изведба на македонски тенор Михајло Арсенски, во придружба на македонскиот пијанист Зоран Станишиќ.