Од вечерва 20 јули до 28 јули ( недела) 2024 година во Трпејца по 13 пат ќе се одржува културно- забавното лето „На зајдисонце“.
Организаторот на летото Здружението „За Трпејца со љубов“ ветува интересна програма во која до израз ќе дојде креативноста на младите но и промоција на Трпејца од историски, културен и спортски аспект.
Публиката на отворената сцена под ведро небо „Кај бунарот“ во наредниве девет дена ќе може да ја проследи проекцијата на документарниот филм: „Кино Охридско Езеро“ од Љупчо Паункоски. Ќе биде промовирана монографијата за селото „Трпејца- Трпеза со духовна благодат “ од авторот Игор Никовски, а младиот историчар Петар Симоноски ќе презентира факти за Трпејца во 16 век. Планирани се настапи на драмското студио „Цвет 75“ под раководство на Драгана Боцеска со претставата „Ќерките на Фроса“, концерт на млади музички надежи. Во текот на организираното лето Креативни Боб техники со заинтересираните заедно ќе учат и ќе се забавуваат младите туристи со инструкторите Валентина и Ангела Кузманоски. Во Трпејца првпат настап ќе има и новиот женски хор при Црвен крст- Охрид „ACordis“ под раководство на диригент Биљана Николоска.
И годинава нема да изостане популарната Трка со куфери по скалилата во Трпејца, Фото конкурсот за најдобра фотографија од Трпејца направена со мобилен и денот посветен на Кајакарскиот клуб „Рибар“ и неговиот основач и тренер Номче Митрески.
Свеченото отворање на манифестацијата „На зајдисонце “ е вечерва од 20. 30 часот со мини изложба од ланската Меѓународна колонија одржана во Трпејца и со мини концертот на Влатко Броз и ДЏ Марама.
Во име на покровителот на летото Општина Охрид се очекува пред присутните туристи и мештани да се обрати Ана Крстеска, заменик градоначалник.